Харадинај: Могерини и Хан им изгубија една година на ЕУ и Балканот со изјавите за границата

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ги обвини високите претставници на Европската Унија, еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан и шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, дека со нивните изјави за корекција на границата меѓу Косово и Србија, на Унијата и на Балканот им изгубиле цела една година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Запрашан да ја коментира изјавата на Хан дека „може да се разговара за корекција на границите доколку се согласат косовската и српската страна“, Харадинај рече дека „кога не би се зборувало за оваа тема можеби договорот меѓу Косово и Србија би можел да биде постигнат“.

– Со овие Европејци кои говорат за територии можеме да одиме само назад, одговори косовскиот премиер на прашањето дали може да се очекува договор меѓу Приштина и Белград до крајот на годинава.

Изјавата Харадинај ја даде на комеморацијата по повод 20-годишнината од убиството на повеќе цивили во селото Словиње кај Липљан во централно Косово.

На прашањето дали како премиер би прифатил евентуален договор од средбата на 29 април во Берлин меѓу претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, Харадинај рече дека тој „нема преговарачки мандат“.