Харадинај: Јас сум американски војник кој извршува наредби


Премиерот на Косово, кој престојува во САД, во едно интервју повтори дека односите помеѓу САД и Косово се добри.

Тој додаде дека таксата од 100 проценти на српските и босанските производи е воведена „против интересот на Србија и Русија на Балканот“, пренесуваат косовските медиуми.

За себе, тој истакна дека е „американски војник на терен кој извршува наредби“.

„Нашите ставови се слични на она за што се залага Америка, а оние кои се на терен се свеси за тоа, а јас сум војник на Америка на терен“, изјави Харадинај, па додаде дека тоа се однесува пред се на Русија и Србија.

Тој наведе и дека само „ги применува наредбите во однос на ситуацијата на теренот и дека верува дека со јакнењето на Косово јакнат и американските интереси и се тргаат руските и другите интереси“.

Харадинај во петокот отпатува во САД, најавувајќи средби со американски официјални лица. Приштински „Лајми“, меѓутоа, претходно пренесе, повикувајќи се на извори од кабинетот на Харадинај, дека нема да се сретне со официјални лица од САД, туку со претставници на албанската католичка заедница.

Инаку, Харадинај поради воведувањето на сто проценти поголемите такси на производите од Србија, од крајот на минатата година беше под санкции на САД, така што му беше оневозможено добвање виза, со што не можеше да присуствува на традиционалниот молитвен појдаок во Вашингтон, кон почетокот на годината, иако беше повикан.