Харадинај ја напушти средбата: Курти не објасни зошто ги прекинал односите со Америка


Претседателите на опозициските ДСК и ДПК денеска на средба со премиерот на Косово, Албин Курти, побараа координација со сојузниците, а претседателот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, незадоволен од излагањето на Курти ја напушти средбата на која се разговараше за ситуацијата откако Србите на северот на Косово ги напуштија институциите поради едностраните потези на Приштина.

По излегувањето од зградата на Владата во Приштина, Харадинај на Фејсбук напиша дека бил принуден да ја напушти средбата бидејќи, според него, Курти „држел предавање“ и не објаснил „зошто ги прекинал односите со Америка“ и зошто не го исполнува нивното барање.

Според Харадинај, прекинувањето на односите со главниот безбедносен сојузник на Приштина е неприфатливо.

Претседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), Љумир Абдизику, по средбата со Курти изјави дека на средбата не гледа план за решавање на проблемите на северот на Косово и посочи дека Приштина треба да биде со сојузниците.

„Не видовме план за решавање на ситуацијата. Не видовме никаков план за целосна координација со нашите сојузници. Веруваме дека координацијата со Стејт департментот, со Вашингтон и Брисел е единственото решение за сегашната ситуација“, рече Абдижику, пренесува приштинска „Коха“.

Тој додаде дека ДСК го поддржува Курти кога станува збор за воспоставување, како што наведе, „законитост“, но дека, според него, треба да има план и координација со сојузниците.

На прашањето дали треба да се суспендира одлуката за регистарски таблички, тој одговори дека координацијата значи дека носат одлуки со сојузниците.

Претседателот на Демократската партија на Косово (ПДК), Мемљи Красниќи, рече дека не добил гаранции оти владата на привремените институции на Приштина знае во која насока ќе оди за да ја задржи ситуацијата на северот на Косово под контрола.

Според него, Приштина влегла во ситуација која можела да се избегне.

„Се чини дека незрелоста во некои акции и недоволната координација со главните сојузници на Косово донесоа импулс што можеше да се избегне“, рече Красниќи.

Европската унија и Соединетите Американски Држави побараа од Приштина да го одложи рокот за пререгистрација на табличките на автомобилите од српски на РСК таблици, но Курти го одби тоа барање.