Харадинај и се заблагодари на Германија за заштитата на суверенитетот на Косово
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска по средбата во Берлин со германската канцеларка Ангела Меркел, изјави дека Косово е благодарно на Германија за „конзистентноста во однос на суверенитетот и територијалниот интегритет“ на неговата земја.
Харадинај на својата страница на Фејсбук објави дека од официјален Берлин уште еднаш добил потврда дека ќе се заложи за што поскорешно укинување на визите за косовските граѓани.
Косовскиот премиер соопшти дека на средбите во германскиот главен град станало збор и за дијалогот меѓу Приштина и Белград, при што нагласил дека косовската страна се залага за сеопфатен договор, кој ќе го вклучи и меѓусебното признавање.
– Почестен од поканата на германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин, на разговори за последните случувања во регионот и за високото ниво на билатералните односи меѓу Косово и Германија. Што се однесува до дијалогот со Србија, нагласив дека ние сме за сеопфатен, законски обврзувачки договор, вклучително и меѓусебното признавање во постоечките граници, напиша Харадинај.
Канцеларката Меркел, вели Харадинај, му потврдила дека Германија ќе продолжи да го поддржува Косово на неговиот евроатлантски пат и во јакнењето на меѓународниот субјективитет.