Харадинај го прогласи Денот на албанското знаме за неработен во Косово


Рамуш Харадинај, кој се уште се смета за косовски премиер, го прогласи празникот на Република Албанија Ден на знамето, 28. ноември, за неработен ден во Косово.

„Донесов одлука 28. ноември да се прогласува за неработен ден на територијата на Република Косово, со цел да се почитуваат вредностите на албанската национална традиција“, напиша Харадинај на својот Фејсбук профил.

Тој вели дека ваквата одлука ја донел мотивиран од историски, традиционални и политички причини.

Движењето Самоопределување на Албин Курти, кој е кандидат за косовски премиер, соопшти претходно дека во Тирана ќе се организира „Марш за единство“.

Од тоа движење тогаш беше соопштено дека маршот нема за цел најавување на национално обединување, туку, велат, насочен е на барања за економски и политички промени.

„Албанците немаат луксус 28. ноември да го гледаат само како празник, бидејќи тоа е неостварен проект. Тој ден ќе се сеќаваме на Декларацијата за независност на Албанија, за обединета и просперитетна Албанија, за кои националните хеори дале се. Но, Албанија денеска не е успешна, Албанците не се обединети. Поради тоа 28. ноември е животен проект кој повикува на социјални, економски и политички промени, на поголема безбедност и на социјален напредок“, соопштија од Самоопределување.

Најавно е дека маршот ќе тргне од центарот на Тирана до споменикот на командантот на поранешната ОВК Адем Јашари.

Инаку, на 28. ноември се обележува Денот на знамето на Албанија, сеќавање на денот кога во 1912. година е потпишана Декларацијата за независност на албанската држава.