Харадинај: Германија го симна Косово од Листата на држави за верификација на безбедноста

 Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај ја поздрави денеска одлуката на властите во Германија да го симнат Косово од Листата на држави за верификација на Безбедноста, што Владата во Берлин ја донела минатиот петок, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека, по оваа одлука на надлежните германски институции, Германија и Косово се поблиску од кога и да е порано.

– Одлуката на Владата на Сојузна Република Германија од 24 јануари 2020 година за симнување на Република Косово од Листата на држави за верификација на безбедноста, позната како СУГ (Sicherheitsüberprüfungsgesetz) претставуа извонредна вест за Косово и Германија и за граѓаните на двете земји, напиша Харадинај.

За овој, според него, напредок на односите меѓу двете земји, косовскиот премиер се заблагодари на германската Влада, безбедносните органи и канцеларката Ангела Меркел.

– Оваа одлука отвора ново поглавје во билатералните односи меѓу Косово и Германија и ги продлабочува нашите меѓудржавни односи, напиша Харадинај.