(Видео) Хаос на словенечко-австриската граница, се чека по 13 часа


Новата уредба на австриската влада предизвика хаос на границата со Словенија во покраината Корушка. Кај тунелот „Караванки“ патниците, според полициското соопштение, чекале по 10 часа, а на преминот „Лојблтунел“ се чекало и по седум часа.

Во покраинската дирекција на полицијата во текот на целата ноќ ѕвонел телефонот, затоа што патниците постојано се жалеле. Исто така, дошле прашања и од Германија затоа што граѓаните и власта се интересирале за должината на чекање.

Австриски ОРФ наведува дека се чекало и по 13 часа за премин на границата во автомобили без вода и храна. Метежот продолжи и денеска и во моментот за премин на границата се чека по шест часа.

Како што пренесува хрватски „Индекс“, Црвениот крст им дели вода на луѓето во автомобилите.

Причина за рекордното чекање на границата е новата уредба на австриската влада, според која граничните власти мора да ги земат сите податоци, па и само ако се работи за транзит.

Читател на „Индекс“ вели дека се работи за „невидено малтретирање на австриската граница“.

„Луѓето чекаат по 14 часа на премин на словенечката граница и премин кај тунелот ‘Караванки’. Немаат вода ни храна. Вчера донесоа одлука сите патници, и оние кои само поминуваат, да пополнат формулари и им се мери температура. Тогаш луѓето ги предупредуваат дека нема застанување низ Австрија да наполнат гориво, да користат тоалет или да преспијат. А колку гориво се троши со тргни-застани со автомобил и како да се набави храна и вода? Црвениот крст по 12 часа почна да дели вода! Скандал од страна на Австрија. Што работи нашата политика во врска со тоа“, се прашува тој.

Австриските власти постојано ги зголемуваа мерките на граница со цел да се спречи внесување и ширење на корона вирусот. Ноќта кон неделата патниците кои ја поминуваа границата беа пред сѐ од Германија и Холандија.

Многу патници не беа подготвени за толку долго чекање, со себе не понеле течности, затоа што не очекувале цела ноќ да ја поминат пред тунелот.

Исто така, проблем на овој дел од автопатот е што нема тоалети.