Маглата и снегот предизвикаа проблеми на аеродромите во Турција, откажан и лет од Скопје за Истанбул
Утрово на Меѓународниот аеродром во Скопје беше откажан еден лет кон Турција, поточно кон Истанбул.
Причината е маглата и снегот кој ја зафатија речиси целата држава.
На сајтот на аеродромот во Скопје може да се забележи дека утрово е откажан летот на авиокомпанијата „Пегасус“ кој треба да полета за помалку од 20 минути.

Тамошните медиумите јавуваат дека аеродромот Сабиха Ѓокчен на азиската страна на Истанбул денеска практично е затворен. Сите летови на авиокомпанијата „Пегасус“ до и од аеродромот на меѓународни и домашни линии се откажани.
„Анадолу Џет“, подружница на „Туркиш ерлајнс“, исто така ги откажа своите домашни летови.
Турската национална авиокомпанија Туркиш ерлајнс соопшти дека вкупно 238 летови, планирани за денеска и утре во Истанбул, се откажани поради предвиденото невреме, придружено со снежни врнежи.
Во соопштението се наведува дека одлуките за откажување се донесени во согласност со заклучокот на Метеоролошкиот комитет за вонредни состојби (МАДКОМ), а граѓаните се предупредуваат да го проверат статусот на нивните летови пред да пристигнат на аеродромот, пишува истанбулскиот весник „Дејли Сабах“.
„Поради очекуваните врнежи од снег во Истанбул и според одлуката на МАДКОМ, летовите од аеродромот во Истанбул се откажани на 5 и 6 февруари. Откажани се вкупно 238 летови до и од аеродромот во Истанбул – 72 домашни и 166 меѓународни. Можно е дека ќе се зголеми бројот на откажани летови“, се наведува во соопштението, пренесе Б92.