Хаос на грчко-турската граница, лажна е веста дека е убиен Сириец


 

По одлуката на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган дека ќе ги отвори „вратите“ за илјадници мигранти кои Турција ги задржуваше на патот кон Европа, хаос е на грчко-турската граница секојдневно.

Грчките медиуми се преполни со вести и снимки на кои се гледа масовно „провалување“ на мигранти на територијата на Грција, а со самото тоа и во ЕУ. Во тие обиди неретко доаѓа и до судири со грчката полиција, а денеска се појави и вест дека грчката полиција пукала во еден Сириец, кој подоцна починал.

Но, грчките надлежни за весникот „Катимерини“ изјавија дека станува збор за лажна вест и дека сите медиуми би требало да бидат поодговорни во известувањето на јавноста за тоа што се случува на границата со Турција.

Веста првобитно ја објави „Ројтерс“, повикувајќи се на своите извори.

По повод на се покомпликуваната ситуација на границата, грчката војска соопшти дека во областа по должина на реката Еврос (Марица) користеле вистинска муниција.