Хаос на Џиро д’Италија: Корона вирусот ги „покоси“ велосипедистите


Уште пет велосипедисти се повлекуваат од трката на Џиро д’Италија откако биле позитивни на корона вирусот, соопштија денеска нивните тимови.

Денешната 11-та етапа на Џиро нема да ја стартуваат возачите на „Квик-Степ“, Јан Хирт, Јозеф Черни, Луис Верваке и Матео Катанео, како и возачот на „AG2R Citroen“, Андреа Вендраме.

Претходно, во неделата вечерта поради позитивен тест се повлече Белгиецот Ремко Евенепул од „Квик-Степ“, кој дотогаш водеше во генералниот поредок.

„Ќе продолжиме да го следиме и имплементираме нашиот протокол за тестирање за тројцата преостанати возачи и тренерскиот персонал“, се вели во соопштението на „Квик-Степ“.

Најдобар пласман од преостанатите тројца возачи на „Квик-Степ“ има Белгиецот Илан Ван Вајлдер, кој е на 19-тото место со 12 минути и седум секунди заостанување зад водечкиот Британец Герајнт Томас (Инеос).

Од почетокот на Џиро, вкупно 14 возачи биле позитивни на корона вирусот. Уште неколку велосипедисти се откажаа поради здравствени проблеми, но природата на нивната болест е непозната.

По откажувањето на здравствениот протокол, кој важеше во последните години, ниту една регулатива не ги обврзува тимовите да ги исклучат возачите кои се позитивни на корона вирусот.

Сепак, повеќето тимови го користат принципот на претпазливост, поради несигурноста за здравствените последици поврзани со екстремниот напор за време на натпреварувањето.

По изненадувачкото повлекување на Евенепул, организаторите на Џиро најавија зајакнување на санитарните мерки, со обврска за носење маски во сите зони.

На Џиро денеска е закажана 11-та етапа од Камахоре до Тортона во должина од 219 километри.