Хант: Меј ќе го пречека Трамп како премиерка

Тереза Меј ќе биде британска премиерка и кога американскиот претседател Доналд Трамп ќе дојде во официјална посета на Британија во почетокот на јуни, изјави министерот за надворешни работи Џереми Хант.

– Тереза Меј ќе биде премиерката која ќе го пречека Трамп и тоа со право, рече Хант, одговарајќи на новинарско прашање кој ќе биде премиер кога ќе дојде американскиот претседател во посета.

Британските медиуми јавуваат дека Меј е под голем притисок да го прецизира датумот кога ќе поднесе оставка поради тоа што нејзиниот договор со Брегзит не наиде на поддршка во британскиот Парламент.

Весникот Тајмс, цитирајќи извори од Владата, денеска објави дека премиерката Меј утре ќе поднесе оставка поради тоа што не е прифатена нејзината позиција за тоа како да се реализира напуштањето на Европската унија.

Според весникот, таа може да поднесе оставка по состанокот закажан за петок со Греам Брејди, претседател на „Комитетот од 1922“, во кој се пратениците на Конзервативната партија и кој одлучува за прашањата за избор или смена на лидерот на партијата.

Според Би-би-си и Дејли телеграф, многу поддржувачи на премиерката одбија да ја поддржат, откако таа им вети на пратениците дека ќе можат да гласаат за одржување втор референдум за Брегзит, ако го поддржат договорот со ЕУ.

Според извори на Би-Би-Си во Владата, тоа предизвикало вистински шок кај некои министри и на состанокот на кабинетот за проблемот со Брегзит, таквата можност не била одобрена.

Хант денеска ќе се сретне со Меј, но не прецизира со кој повод.