Хан: Западен Балкан и припаѓа на Европа

Хрватска– Еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан изјави дека Западен Балкан и припаѓа на Европа и напорите на земјите од тој регион ќе бидат наградени.

Тој за хрватскиот весник „Експрес“ истакна дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ претставува процес кој се темели врз заслуги и како таков е во вистински интерес за Унијата.

– Станува збор за „извоз на стабилност наместо увоз на нестабилност“, нагласи Хан, кој е поранешен еврокомесар за проширување.

Тој на „балканските пријатели“ им порача да продолжат со реформите кон европскиот пат и тоа ќе биде признато.

Хан потсети дека минатиот месец ЕУ одлучи да отвори пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија и покрај кризата поради пандемијата на коронавирусот.

Еврокомесарот додаде и дека ЕУ со репрограмирање на финансиските средства и дополнителните мерки, како што е укинување на забраната за извоз на медицински средства, јасно покажала дека Западен Балкан припаѓа на ЕУ.