Хан „уверен“ дека Софија нема да го блокира почетокот на преговори


Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан е „уверен“ дека Софија нема да го блокира почетокот на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, но ја повика да не го користи пристапниот процес за билатерални проблеми.

Одговарајќи за позицијата на Бугарија околу преговорите со Северна Македонија и барањата поврзани за историјата и јазикот, Хан истакна дека е „многу уверен дека ова не води кон никакво вето“ и дека има „многу доверба“ во бугарскиот премиер Бојко Борисов дека тоа нема да се случи.

– Но, ова е исто така прашање каде можам само итно да ги повикам нашите земји членки да не го употребуваат процесот за билатерални прашања, ако тоа биле случај, тогаш ова никаде не води, истакна комесарот Хан.

Тој ја искористи можноста да ги повика земјите членки на ЕУ да го поедностават преговарачкиот процес за земјите кандидати, со помалку простор за блокади.

– Затоа и повеќе пати реков дека иако сум за задржување на едногласноста за одлуката за отворање преговори и одлуката за прием на нови членки, сметам дека за сите бројни чекори помеѓу, бенчмаркови, отворање преговори, итн., доволно би било квалификувано мнозинство, па дури и минус една или две земји затоа што тоа е реалноста, прагматичен пристап ни оди на сите во корист и не им штети на нашите интереси, изјави Јоханес Хан за МИА.