Хан: СЈО да продолжи да работи и покрај „Рекет“


Еврокомесарот Јоханес Хан побара да се осигура дека СЈО ќе продолжи со работа и покрај, како што рече, неодамнешниот инцидент во земјата без да го именува случајот „Рекет“.

Според него сите политички сили треба да ја прифатат одговорноста и да се фокусираат на стратегиската цел а тоа се преговорите со ЕУ.

Очигледно барајки да се зачува структурата на СЈО без оглед на неговото спојување со Јавното обвинителство, Хан додаде дека мора да остане определбата за немање неказнивост за нулта толеранција против корупцијата и за гарантирање на владеењето на правото.

Хан беше уверен дека во тоа ќе се успее и дека во октомври Македонија ќе добие датум за преговори.

-Република Северна Македонија заслужува во октомври да добие зелено светло за почеток на преговорите за членство во ЕУ поради сето она што го направи изминатите години во спроведување на реформите, со Договорот од Преспа, но и Договорот за добрососедство со Бугарија. За тоа да се реализира, потребно е и натамошно спроведување на реформите особено во делот на овозможување на владеење на правото преку усвојување на законот за јавно обвинителство и бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот. Притоа, сите политички чинители треба да ја имаат предвид иднината и интересите на граѓаните и државата, порача еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан на прес-коференцијата по средбата со премиерот Зоран Заев.

Тој смета дека сите треба да бидат свесни за конечната цел  и за судбината на државата и се надева дека сите ќе ги поддржат неопходните мерки кои допрва треба да бидат преземени со цел да се постигне она што многумина сакаат да го видат, а тоа е зелено светло за почеток на пристапните преговори.

Тој жали што земјите членки сѐ уште немаат одлучено за отворање на пристапните преговори и што тоа не го направија во јуни затоа што, како што потенцира, земјата постигна успех, испорача сѐ што беше побарано.

Премиерот Зоран Заев смета дека земјава заслужува да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ поради тоа што изминатите две години напорно работела на таа цел. Уверен е дека во октомври конечно по 15 години ќе го добие долгоочекуваниот датум за преговори. Во меѓувреме, рече, ќе продолжиме да работиме на реформите за да не и се даде алиби на ЕУ за поинаква одлука. Порача дека власта е отворена за соработка со опозицијата за сите клучни прашања важни за интересот на граѓаните и државата.

Премиерот Заев пак изјави дека сите сме сведоци на одлучна и бескомпромисна борба против високата корупција и дека никој нема да биде привилегиран ниту амнестиран.
Тој најави постапка за Рекет без оглед до кај ќе допре и до кого скандалот.
За решението за СЈО што јавноста го дочека како негово укинување рече дека опозицијата успеала да го убеди дека треба фа се спојат двете обвинителства и дека ова е вин-вин ситуација така што верува дека до крајот на јули ќе се постигне политички консензус за СЈО.(С.Ј.)