Хан: Отворањето на границите кон ЕУ е маневар на Ердоган

Австрија– Еврокомесарот за буџет Јоханес Хан смета дека отворањето на границите кон Европската унија е маневар на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за свртување на внимението од внатрешно-политичките проблеми.

-Тоа треба да се гледа од аголот на внатрешно-политичката ситуција во Турција, подвлече Хан во интервју за виенскиот дневен весник „Стандард“.

Тој објасни дека претседателот Ердоган е соочен со долготрајниот конфликт со Курдите, што не го реши. Исто така, вели, дека станува збор и за последиците од неуспешниот државен удар од 2016 година, за тешката економска ситуација, како и за геополитичкото опкружување, што е се друго освен лесно, при што Турција не може многу да придонесе за подобрување на ситуацијата.

Покрај тоа, нагласи Хан во интервјуто, партијата на Ердоган загуби на локалните избори во Истанбул и Анкара.

-На сето тоа следеше и вообичаениот рефлекс – се бара противник надвор од земјата, смета европскиот комесар.

Тој јасно посочи дека 3,2 милијарди евра, од вкупно договорените шест милијарди со ЕУ за прием на бегалците, веќе и се исплатени на Турција.

-Вкупно 4,7 милијарди евра се веќе договорно фиксирани, а сите шест милијарди се испланирани, што значи дека се знае што треба да биде потрошено, објанси Хан.

Еврокомесарот, меѓутоа, објасни дека парите од договорот не може едноставно и без услов да бидат префрлени на турската буџетска жиро-сметка, туку мора преку хуманитарни организации, врз основа на детален опис на потребите и под стриктна контрола, да бида проследени.

Што се однесува до идните средства за помош на бегалците, Хан порача дека Турција мора за секоја натамошна поддршка да покаже подготвеност за соработка. Исто така, тој укажа дека во моментов на турско-грчката граница речиси и да нема бегалци од Сирија и дека повеќето се од Иран, Авганистан и Пакистан.

Според него, поголемиот дел од околу 3,6 милиони Сиријци, кои се наоѓаат во Турција, во меѓувреме добро се интегрирани во земјата.