Хан: ЕК ќе препорача отварање на преговорите со Скопје и Тирана

Европската комисија (ЕК) ќе препорача отворање на пристапните преговори за полноправно членство со Северна Македонија и Албанија кон крајот на мај, потврди комесарот задолжен за проширување на ЕУ Јоханес Хан.

Во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), Хан потврди дека препораката ќе биде објавена на 29 мај, кога Европската комисија ќе го објави годишниот извештај за напредокот на земјите кои се во процесот на проширување.

-За две недели ќе го претставиме нашиот годишен извештај каде што дефинитивно ќе препорачаме отворање на преговори за двете земји (Северна Македонија и Албанија), изјави Хан.

Како што посочи европскиот комесар, од земјите-членки на ЕУ зависи дали ќе се согласат со препораката на Европската комисија.

-Двете земји ги исполнија условите и сега е до земјите-членки да излезат со политички проценки, истакна Хан.

Инаку, ова ќе биде прва препорака за Албанија и десета за Северна Македонија.

Од 2009 година, ЕК препорачува отворање на пристапни преговори. Сепак, оваа препорака сè уште не добиваше согласност од страна на земјите-членки кои имаат овластување да донесат конечна одлука за ова прашање. Во меѓувреме, Скопје и Атина го потпишаа Преспанскиот договор, кој треба да го деблокира евроатлантскиот пат на Северна Македонија, пишува РСЕ.

Официјално Скопје направи извонредна работа во исполнувањето на сите услови за започнување на преговорите за членство со ЕУ. Треба да го признаеме огромниот напредок што го постигна Северна Македонија во надминувањето на билатералните конфликти, што беше и предуслов за идното членство, истакнува Јоханес Хан.

Како што наведува РСЕ, беше планирано Советот на министри на ЕУ да одлучи да ги започне преговорите за пристапување со овие земји на состанокот во јуни. Сепак, во европските кулораи циркулираат информации дека дебатата ќе биде одложена за подоцнежен датум, бидејќи на некои земји им е потребна согласност од националните парламенти и дека временската рамка меѓу препораките и јунската пауза е многу мало за да се испочитуваат сите постапки.

Запрашан да ги потврди наводите далиа одлуката за пристапните преговори ќе биде одложена за подоцнежен датум, Јоханес Хан за РСЕ вели дека „намерата секогаш била одлука да се донесе во текот на летото”.

Според неофицијални информации на РСЕ, во ЕУ постојат назнаки дека се размислува за можна расправа за отпочнување на пристапните преговори на министерскиот состанок во јули, што ќе биде првата важна седница за време на финското претседателство на ЕУ. Финска го презена претседателството со ЕУ на 1-ви јули.

loading...