Хамилтон стана почесен граѓанин на Бразил


 Седумкратниот светски првак во Формула 1 Луис Хамилтон на пригодна свеченост синоќа во Бразилија доби титула почесен граѓанин на Бразил, земјата на неговиот идол Аиртон Сена.

-Целиот мојот живот Бразил заземаше важно место во моето срце, тоа мојот втор дом, порача британскиот возач во редовите на Мерцедес на свеченоста во бразилскиот Парламент.

Облечен во сино одело, Хамилтон го прими медалот во жолто – зелената боја на Бразил од рацете на претседателот на Долниот дом Артур Лира, кој го нарече британскиот возач „Бразилец во срцето“.

Хамилтон, кој в недела ќе се натпреварува за Големата награда на Бразил на патеката Интерлагос, рече дека е „почестен“ со титулата почесен граѓанин, прва од таков вид која бразилскиот Парламент му ја врачил на странски државјанин.

Бразилскиот идол на Хамилтон, легендарниот Аиртон Сена, трагично загина за време на трка на патеката Имола во 1994 година. Во кариерата освои три светски титули во Ф1.