Хамас најави можност за примирје во следните 24 до 48 часа


Висок функционер на Хамас денеска изјавил дека прекин на огнот во Појасот Газа е можен во следните 24 до 48 часа, доколку Израел ги прифати барањата на палестинската исламистичка организација, пренесе Бета.

– Ако Израел се согласи со барањата на Хамас, кои вклучуваат враќање на раселените Палестинци во северниот дел на Газа и зголемување на хуманитарната помош, тоа би можело да го отвори патот за договор (за прекин на огнот) во следните 24 до 48 часа, изјави официјален претставник кој сакал да остане анонимен.

Во Каиро денеска треба да се преговара за примирје. Во главниот град на Египет се очекува да пристигнат делегации од Израел и Хамас со цел да се постигне заемно прифатлива формула за прекин на огнот во Газа.

Висок американски функционер вчера рече дека постои рамковен договор за шестнеделна пауза со израелска согласност и оти сега зависи од тоа Хамас ќе се согласи да ги ослободи заложниците што ги држи во Газа од почетокот на војната на 7 октомври минатата година.

– Патот до прекин на огнот сега, буквално во овој час, е директен. И има договор на маса. Постои рамка за договорот. Израелците повеќе или помалку го прифатија, рече претставникот, додавајќи дека сега зависи од Хамас.

Се верува дека во Газа се држат 130 заложници од околу 250 киднапирани во нападите на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел, но не сите се живи.

Околу 100 од нив беа ослободени за време на седумдневното примирје на крајот на ноември.