Хамас имал големо складиште за оружје на југот на Бугарија, планирал напади во Германија


За време на истрагата за членовите на Хамас, уапсени во декември во Германија и Холандија, истражителите открија складиште со оружје што требало да се користи во нападите врз еврејските објекти во Германија, објавија германските медиуми.

„На југот на Бугарија, во подземен магацин беше пронајдено оружје и муниција што требаше да се користи за напади на Хамас врз еврејски цели во Германија, особено во Берлин“, пишува Шпигел онлајн, повикувајќи се на извори во германската служба за борба против криминалот (БКА), пренесува Хина. 

Според истите информации пронајденото оружје сега е делумно неупотребливо поради рѓа.

Сознанието за магацинот за оружје е добиено преку анализа на мобилниот телефон на еден од четворицата Палестинци уапсени во декември во Берлин и Холандија поради сомнение дека подготвувале магацини за оружје во Европа, кои треба да се користат за терористички напади, на наредба на Хамас.

Како што понатаму се сомнева и главниот државен обвинител, уапсените најверојатно подготвувале слични подземни магацини и во Полска. Во автомобилот на тројца од нив при контрола на германско-полската граница биле пронајдени лопати.

Германските и европските агенции за спроведување на законот добиле информации за членови на милитантното крило на Хамас од израелското разузнавање.

Во јануари германските власти објавија дека наредбата за подготовка на магацини за оружје ширум Европа ја дал самиот Калил ал-Караз, заменик командант на милитантното крило на Хамас, кој во мешувреме е убиен во израелски напад.