Халкбанк ќе дава ваучери од 500 денари за плаќање кај угостители – клиенти на банката


Преку кампањата „На наша сметка“ ќе се издвојат 25.000 евра за поддршка на 133 локали од угостителскиот сектор низ целата територија на земјата

 

Халкбанк почна кампања „На наша сметка“ преку која ќе овозможи директна помош на вкупно 133 локали од угостителскиот сектор низ целата територија на земјата.

Преку оваа кампања која почна вчера и ќе трае до 30 септември, сите нови или постоечки клиенти физички лица на Халкбанк, доколку станат корисник на некој од продуктите на банката (нов кредит, нов депозит, дозволено пречекорување на трансакциска сметка, нова Mastercard кредитна картичка или пак трансакциска сметка со плата во Халкбанк), ќе добијат Mastercard дебитна картичка и вредносен ваучер од 500 денари кој ќе може да го искористат во еден од локалите кои се клиенти на филијалата од каде го подигнале ваучерот, соопшти банката.

„Малите бизниси се од големо значење за економијата, и кога тие страдаат, страда целата нашата држава. Во Халкбанк ја согледуваме и прифаќаме обврската да бидеме едни од поддржувачите на овие значајни деловни субјекти во кои е вклучен значаен број на работна сила и кои чинат значаен столб на нашата економија. Особено во време на пандемија, кога голем дел од нив беа принудени да ги затворат своите врати и директно сѐ уште ги трпат економските последици од здравствената криза, ние преку повеќе иницијативи и кампањи се трудевме да им помогнеме, со цел полесно и побргу повторно да го заживеат својот бизнис. Овој пат, со здружени сили со Mastercard, преку кампањата ‘На наша сметка’ даваме и поконкретна и позначителна помош на нашите локални клиенти, со инвестиција вредна повеќе од 25.000 евра. Искрено се надеваме дека со овој гест барем малку ќе успееме да придонесеме за зајакнување на нашиот угостителски сектор и ќе инспирираме дополнителна поддршка и од други“, изјави Маја Наумовска Савеска од Халкбанк.