Хакиран системот на „Изиџет“, загрозени платежните картички на 2.000 патници


Британската нискобуџетна авиокомпанија „Изиџет“ денеска објави дека хакери со „исклучително софистициран“ напад пробиле во нивната електронска пошта, пристапувајќи до детали за патувања на околу девет милиони клиенти и податоци за кредитни картички на повеќе од 2.000 патници.

Авиокомпанијата, која приземји поголем дел од своите летови поради пандемијата на Ковид-19, додаде дека, сепак, засега се чини дека не се злоупотребени лични податоци.

– На безбедносните прашања им пристапуваме исклучително сериозно и продолжуваме да инвестираме во натамошно подобрување на нашето безбедносно опкружување, се вели во соопштението на компанијата.

Хакерите ги интензивираа нападите врз големите компании за да пристапат до податоците кои тие ги имаат за своите клиенти.

„Бритиш ервејс“ беше жртва на хакерски напад во 2018 година, кога беа украдени податоци од кредитни картички на стотици илјади клиенти, а мета на хакери беше и „Катај Пацифик“.