Хакерски напад во американската банка „Капитал Уан“, засегнати 106 милиони луѓе

САД – Електронските системи на американската банкарска компанија „Капитал Уан“ (Capital One) се подложени на голем компјутерски напад, што доведе до истекување лични податоци на нејзините клиенти.

Како што соопшти компанијата, која е со седиште во Вирџинија, хакерот, чиј идентитет е идентификуван, добил пристап до личните информации на клиентите на банката кои аплицирале за кредитни картички.

Банката истакнува дека по истрагата може да потврди дека со упадот „се засегнати околу 100 милиони луѓе во САД и 6 милиони во Канада“.

Хакерот исто така успеал да добие пристап и до броевите за социјално осигурување на околу 140.000 клиенти и до 80.000 броеви на банкарски сметки. Сепак, тој не успеал да украде броеви на кредитни картички, соопшти компанијата.

Според „Вашингтон пост“, ФБИ уапсила осомничен за случајот. Тоа е 33-годишна жителка на Сиетл. Таа се соочува со обвинение за компјутерска измама.