Хакери преку твитерот на шведските социјалдемократи повикуваат на убивање муслимани


Хакери ги нападнале профилите на шведската Социјалдемократска партија и објавиле порака „Убијте ги сите муслимани“.

Раководството на шведските социјалдемократи, најголемата политичка партија во коалициската Влада на таа скандинавска земја, соопшти дека хакерите синоќа, два часа по полноќ, влегле во службениот налог на партијата на Твитер, а контролата врз страницата е вратена дури утрово во девет часот.

Страницата на шведските социјалдемократи на Твитер ја следат речиси 850.000 корисници на таа социјална мрежа.

Хакерите, исто така, објавиле и лажни вести, како на пример дека шведскиот премиер и лидер на Социјалдемократската партија Стефан Ловен си заминал од функцијата и почнал да работи како поручник во војска.

Во еден од твитовите, хакерите напишале дека е легализирана продажбата на наркотици во Шведска.

Портпаролката на партијата, Аса Содерен подоцна истакна дека пораките кои се објавени при кибер-нападот немаат никаква врска со политиката на социјалдемократите.