Хајко Мас во посета на Атина и Анкара за ситуацијата во Источниот Медитеран

Решенијата на разликите околу резервите на природен гас во Источниот Медитеран може да се најдат само врз основа на меѓународното право и преку искрен дијалог, прозорците за дијалог меѓу Грција и Турција треба да се отворат и да останат отворени, рече утрово министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас, во пресрет на неговите средби во Грција и Турција, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на германската дипломатија, кој и минатиот месец беше во Грција, денеска во Атина, ќе одржи средби со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, со министерот за надворешни работи Никос Дендиас, со лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, а ќе биде примен и од претседателката на Грција Катерина Сакеларопули.

По разговорите во Атина, ќе замине за Анкара, на средби со турскиот државен врв.

Во изјавата пред патувањето за Грција и Турција, Мас вели дека тензиите не само што ги заоструваат односите меѓу ЕУ и Турција, туку евентуалните дополнителни ескалации може да им нанесат штета на сите страни, пред сѐ на оние кои се директно инволвирани.

Паралелно порачува дека мора да се отворат прозорците за дијалог меѓу двете земји, но за да се стори тоа наместо нови провокации, потребни се чекори за намалување на тензиите и иницирање директни разговори, истакнувајќи дека Германија, сака колку што може да го поддржи тоа.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, на вчерашниот брифинг со новинарите, рече дека со оглед на тоа дека Германија е земја претседавач со Европската унија, „секоја преземена иницијатива има посебна тежина“, но истакна дека за да се преземе иницијатива и за да се очекува резултат, „потребен е веродостоен соговорник“.

-Останува Турција да покаже дека е таков веродостоен соговорник, рече Пецас.

Односите меѓу Грција и Турција се заострени во изминатиот период, откако на 10 август турската страна издаде навигациската информација (Navtex) за сеизмички истражувања на бродот „Оруч Рејс“ во Источниот Медитеран, а во неделата вечерта ја продолжи до 27 август.

Грчки владини извори тогаш коментираат дека со ова однесување, Анкара единственото што ќе постигне се негативни последици за неа.

Ставот на официјална Атина е дека конкретната Navtex е нелегална и опфаќа дел од грчкиот  континентален гребен.

Грција одговори со своја навигациската информација што го опфаќа делот југоисточно од Крит, Родос, Карпатос и јужно од Кастелоризо за аеронаутички вежби, а е во сила од утрово заклучно со 27 август 2020 година.