Хаџи Ангелковски: Да се зема Сумамед на своја рака не е шега


Родителите имаат голема задача. Децата не можат да ја издржат оваа затвореност. Тоа треба да им се објасни и да бидеме со нив. Има начини со детето да поминеме повеќе време, да разговараме за нивните потреби. Да работиме заедно и да не ги препуштиме работите на тоа дека ќе помине вирусот и готово, изјави во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ психијатарот Ѓорѓе Хаџи Ангелковски.

Околу улогата на луѓето кои се назначени да одговараат на повиците за психолошка поддршка на граѓаните кои се јавуваат, Хаџи Ангеловски смета дека тие буквално се контејнери на стравот на населението.

-Ја поздравувам оваа мерка и добро е што се отвори линија на клиника. Се слуша гласот на граѓаните и нивните маки кои што ги доживуваат во текот на епидемијата. Тука е пред се паничниот атак, анксиозните настапи, неразрешените семејни проблеми, проблеми со децата и воопшто што да се прави во текот на епидемијата, рече тој.

Дезинформациите дополнително влијаат врз стравот на луѓето, а тука е и посегнувањето по лекарства кои не треба да се пијат на своја рака.

-Оваа хипохондрија ќе трае подолго и ќе биде страшна кај дел од населението. Да се посегнува по Сумамед и да се пие на своја рака не е шега. Не смее да се пие превентивно. Тие дезинформации внесуваат страв и негативните реакции нездрави по нашето здравје стануваат реалност. Треба да издржиме стоички овие месец – два и се ќе помине, вели Ангеловски.

-Вирусот се шири со голема брзина, затоа треба да се пратат препораките на СЗО.Ние за сега одлично се носиме со пандемијата. Треба да ја слушаме СЗО, каде што има врвни лекари и епидемиолози кои математички можат да предвидат како се шири вирусот. Тој се шири со ненормална брзина. Споредбата со обичниот грип е смешна и неодговорна. Освен карантинот сега засега не постои друг начин за справување со коронавирусот, вели тој.