Гвардиола верува во успех, Сити против Тотенхем со сите оружја, Ливерпул е фаворит против Порто


За менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола нема дилеми пред вечерашниот реванш со Тотенхем во четврт-финалето во фудбалската Лига на шампиони. „Граѓаните“ имаат негатива од еден гол (0:1) од првиот меч со „спарси“, но Шпанецот е уверен дека тим од „Етихад“ ќе успее да го поништи минусот и за првпат ќе игра полуфинале под негово водство.

„Апсолутно сум сигурен дека ќе играме во полуфинале во Лигата на шампиони. Го имав тоа чувство и кога ја гледав снимката од првата средба, а го имам и сега. Моќеби грешам, но јас сум убеден дека продолжуваме“, истакна Гвардиола пред новинарите во Манчестер.

Манчестер Сити ќе брка негатива од првиот меч, а викендов ќе му биде потребна нова победа против Тотенхем во шампионската трка со Ливерпул во Премиер лигата.

Сепак, без оглед на негативата од првиот меч, Сити е фаворит за пласман во полуфиналето од Лигата на шампионите. Освен што игра на свој терен, ќе игра и во многу посилен состав отколку во првиот натпревар. Не е познато дали Гвардиола тогаш калкулираше или навистина не можеше да смета на некои од најдобрите, не е познато. Изгледаше дека првенствениот меч тогаш со Кристал Палас му е поважен од четвртфиналето на ЛШ.

Но, затоа за вечерва подготви тешка артилерија. Гвардиола се одлучи да настапи со поофанзивен состав и да ризикува повеќе, а овојпат и одбраната доживеа промени.

Од друга страна Покетино нема друг избор освен да игра на противнапади и брза транзиција поради отсуството на Кејн и можноста да се игра на долги топки и центаршутеви кон Англичанецот. Тренерот на Тотенхем ќе се обиде да ја искористи брзината на Сон, кој може да биде многу опасен ако му се остави простор. А ако постигнат гол, Спарси можат да се потпрат и на одбраната, бидејќи без разлика на потенцијалнот во нападот, Сити во тој случај ќе мора да даде три гола, што не е нималку лесно.

Затоа, Гвардиола и Покетино се одлучија за следните состави вечерва:

Манчестер Сити (4-3-3): Едерсон – Менди, Лапорт, Компани, Вокер – Гундоган, Давид Силва, Де Брујне – Бернардо Силва, Стерлинг, Агуеро.

Тотенхем (4-2-3-1): Лорис – Трипие, Роуз, Алдервеирелд, Вертонген – Сисоко, Ванјама – Деле Али, Ериксен, Моура – Сон.

Во вториот меч од вечерашната програма во ЛШ, Порто е домаќин на Ливерпул. „Црвените“ од „Енфилд“ понесоа два гола предност на реваншот на „Драгао“.

Ако ги прашувате Англичаните, тие би рекле дека ова е чиста формалност, треба да поминат 90 минути, па Ливерпул да зачекори во полуфиналето од ЛШ, бидејќи поголемиот дел од работите ги заврши на „Енфилд“ и тешко е да се верува дека може да направи грешка и да ги испушти двата гола стекнати во првиот натпревар.

Порто ќе го притисне Ливерпул од самиот старт на својот „Драгао“, бидејќи нема што да загуби, а освен тоа, тие се единствениот четвртфиналист кој победи на сите домашни натпревари во Лигата на шампионите на домашен терен, иако против екипи како Галатасарај, Локомотив Москва, Шалке и Рома, а Ливерпул е далеку посилен од сите набројани.

Против „Змејовите“ ќе биде и традицијата, бидејќи тимовите кои биле поразени со 2:0 во првите мечеви од нокаут фазата во европските натпреварувања од сезоната 1970/71 до денеска поминале само во 17 проценти од случаевите, па шансите на домаќините не се големи. Сепак, во редовите на Порто се оптимисти, а и составот ќе биде посилен во однос на минатата недела бидејќи се враќаат неколку првотимци.

Јирген Клоп и Сержо Консеисао ги избраа своите стартни 11.

Порто (4-3-3): Касилјас – Едер Милитао, Пепе, Фелипе, Алекс Телес – Ерера, Данило, Отавио – Браими, Марега, Корона.

Ливерпул (4-3-3): Алисон – Александер-Арнолд, Матип, Ван Дајк, Робертсон – Вајналдум, Фабињо, Милнер – Салах, Ориги, Мане.