Гвардиола: До крајот мораме да бидеме совршени ако ја сакаме титулата


 Тренерот на англискиот фудбалски шампион Манчестер сити, Пеп Гвардиола, им порача на своите фудбалери дека во преостанатиот дел од сезоната мораат да бидат речиси совршени за да се вклучат во битката за титулата со Арсенал, пренесува Би-Би-Си. 

Манчестер сити во моментов е второпласиран на табелата во Премиер лигата со осум бодови заостанување зад лидерот Арсенал. 

„Начинот како да се намали разликата е да се играат добри натпревари и да се победува. Како што игра досега, Арсенал ќе освои 100 или повеќе бодови. Ако продолжат по овој пат нема да можеме да ги стигнеме. Мораме да бидеме речиси совршени до крајот на сезоната и да се надеваме дека (Арсенал) малку ќе падне во својот ефект, бидејќи против Њукасл беа одлични“, изјави Гвардиола. 

Манчестер сити вечерва во рамки на 19. коло му гостува на десеттопласираниот Челзи и со евентуален триумф ќе му се приближи на Арсенал на пет бодови.