Славески и Димитриеска Кочоска на средба со високи претставници од Светската банка
Во рамките на годишните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, кои оваа година се одржуваат во Бангкок, Тајланд, учествува и делегација од Македонија која ја предводат гувернерот на Народната банка Трајко Славески и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Од Народмна банка соопштија дека Светската банка активно ги поддржува активностите на НБ за интегрирање на домашниот финансиски систем во европската платежна инфраструктура, со посебен акцент на воспоставувањето национален систем за инстант плаќања, неговото регионално поврзување со платните системи на земјите од Западен Балкан и интегрирањето со ТИПС – системот за порамнување на инстант плаќањата на Европската централна банка.
Ова беше истакнато на средбите на гувернерот Трајко Славески со заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор на Светската банка за Конституенцата во која членува нашата земја, Јуџин Ругенат. Средбите се одржаа во рамките на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), при што беа разгледани тековните активности и следните чекори за модернизација на платните системи, дигитализација на плаќањата и за натамошно усогласување на националната регулатива со европската правна рамка.
На средбите гувернерот Славески истакна дека една година по приклучувањето на нашата земја кон Единствената област за плаќања во евра – СЕПА, оваа иницијатива прерасна во водечки канал за извршување и примање прекугранични плаќања во евра, носејќи конкретни и видливи придобивки за граѓаните и бизнис-заедницата, но и за економијата во целина.
Во овој период, приоритет на Народната банка е воспоставувањето национална платформа за инстант плаќања, заснована врз моделот на европскиот систем ТИПС, што ќе претставува значаен исчекор во модернизацијата на домашната платежна инфраструктура. По воведувањето на инстант плаќањата на домашниот пазар, следниот чекор ќе биде регионалното поврзување со платните системи на земјите од регионот и нивното интегрирање во поширокиот европски платежен простор. На тој начин ќе се создадат услови за инстантно извршување и на прекуграничните плаќања, што ќе придонесе за продлабочување на економските врски со регионалниот и европскиот пазар, зголемување на ефикасноста на плаќањата и поддршка на економскиот раст.
На средбите со високите претставници на Светската банка беше потврдено и значењето на долгогодишното партнерство во спроведувањето на повеќе проекти за кои Светската банка обезбедува техничка поддршка за Народната банка. Континуираната соработка придонесува за зајакнување на механизмите за одржување на финансиската стабилност, унапредување на регулативната и супервизорската рамка, развивање и спроведување макропрудентни политики, модернизација на платните системи и подобрување на управувањето со ризиците.
Продолжувањето на ова партнерство претставува важна поддршка за натамошниот развој на финансискиот систем во нашата земја, зголемувањето на неговата отпорност и поефикасното поврзување со европската и регионалната финансиска инфраструктура, се вели во соопштението на НБ.
Од Министерствот за финанси, пак, соопштија дека Димитриеска-Кочоска оствари средби со регионалната потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, потпретседателот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) за Европа, Латинска Америка и Карибите, Алфонсо Гарсија Мора, и извршниот директор на Светската банка за конституенцата во која членува Македонија, Јуџин Ругенат.
На средбите, како што соопшти Министерство за финансии, беше разговарано за досегашната соработка со овие меѓународни финансиски институции, тековните активности и проектите што се реализираат во земјата, како и можностите за натамошно унапредување на партнерството во поддршка на реформите и развојните приоритети на државата.
Светската банка останува еден од значајните развојни партнери на Македонија обезбедувајќи финансиска и експертска поддршка за спроведување на реформите и реализација на проекти во повеќе области.
Тековното портфолио опфаќа активности насочени кон унапредување на јавните финансии, модернизација на инфраструктурата, енергетска ефикасност, образование, социјална заштита и земјоделство.
Во разговорите беше истакната и важноста на соработката со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во насока на поттикнување на приватните инвестиции, подобрување на деловното опкружување, поддршка на зелената транзиција и зголемување на конкурентноста на домашната економија.
Посебно внимание беше посветено на реализацијата на рамката за партнерство со Светската банка за периодот 2024 – 2028 година, која предвидува значителна финансиска и техничка поддршка за земјата, која е во износ од речиси 700 милиони долари.
Во таа насока, акцентот беше ставен на забрзување на реализацијата на проектите, поефикасно користење на расположливите средства и постигнување конкретни резултати за граѓаните и економијата.
На средбите беше разговарано и за можностите за поддршка на нови стратешки инвестиции, како и за унапредување на соработката во областите што се значајни за економскиот раст, конкурентноста на приватниот сектор и подобрувањето на квалитетот на јавните услуги.
Министерката Димитриеска-Кочоска истакна дека Владата останува посветена на спроведувањето на реформите, одржувањето на макроекономската стабилност и унапредувањето на управувањето со јавните финансии. Партнерството со меѓународните финансиски институции има важна улога во реализацијата на развојните приоритети и стратешките инвестиции што треба да придонесат за долгорочен и одржлив економски раст.
Претставниците на Светската банка ја поздравија определбата на Владата за продолжување на реформите и ја потврдија подготвеноста на институцијата и во наредниот период да обезбедува експертска и финансиска поддршка за остварување на развојните приоритети на земјата.