Гувернерот Славески на Конституенцата на ММФ и Светската банка: Ценовната стабилност и натаму приоритет во услови на светска неизвесност


Гувернерот на Народната банка Трајко Славески учествува на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во која припаѓа нашата земја, под мотото „Претворање на неизвесноста во долгорочна можност“, што се одржува во Варна, Република Бугарија.

На средбите, како што соопшти денеска прес-службата на Народната банка, се става акцент на одржувањето на макроекономската и финансиската стабилност во услови на светска неизвесност, дигиталната трансформација, продуктивноста и финансиската вклученост, како и на местото на европските економии во светските синџири на вредности.

Во рамките на годишниот состанок на Конституенцата, Славески оствари билатерални средби со извршниот директор на Конституенцата во ММФ Јерун Клик и заменикот на извршниот директор Марникс ван Рај, како и со потпретседателката на Светската банка за Европа и Централна Азија Антонела Басани, придружувана од претставници на Меѓународната банка за обнова и развој (ИБРД), Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) и Мултилатералната агенција за гарантирање инвестиции (МИГА).

– На средбите беше истакнато дека зачувувањето на ценовната стабилност е главниот предуслов за одржлив економски раст и финансиска стабилност, особено во услови на засилени геополитички ризици, неизвесност во светската економија и брзи технолошки промени. Гувернерот Славески нагласи дека Народната банка внимателно ги следи домашните и меѓународните економски движења и ги презема сите потребни мерки за одржување на ценовната и финансиската стабилност, со што придонесува за зачувување на довербата во монетарниот систем и за стабилни услови за економскиот развој –  информираат од Народната банка.  

На состаноците е разговарано и за тековните макроекономски движења, отпорноста на финансискиот систем, предизвиците поврзани со геополитичките случувања, како и за улогата на дигиталната трансформација во поддршката на економскиот раст и продуктивноста.  Потврдена е и добрата соработка меѓу Народната банка, ММФ и Светската банка во спроведувањето на реформите и јакнењето на институционалните капацитети.

Во состав на македонската делегација се и вицегувернерот Игор Величковски и заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.