Гувернерот на Флорида испраќа повеќе од 1.100 војници на границата со Мексико


Гувернерот на Флорида, Рон Десантис, соопшти дека планира да испрати повеќе од 1.100 војници на Националната гарда и службеници за спроведување на законот во Тексас за да помогнат во обезбедувањето на границата меѓу САД и Мексико.

Републиканскиот гувернер рече дека испраќа 800 војници, 200 службеници од Одделот за спроведување на законот на Флорида, 101 државен војник и 20 службеници за чување на дивата природа. Флорида ќе испрати и пет авиони, 17 дронови, две командни возила и 10 чамци, според соопштението за медиумите. Државните и федералните власти се загрижени за можното нагло зголемување на бројот на луѓе кои ја преминуваат границата откако минатата недела завршија ограничувањата за азил воведени за време на пандемијата на Ковид-19.

– По моја наредба, државните агенции, вклучително и органите за спроведување на законот и Националната гарда на Флорида, се испраќаат во Тексас, а ресурсите вклучуваат персонал, чамци и авиони, нагласи Десантис во соопштение.

Десантис претходно испрати поддршка на јужната американска граница во Тексас и Аризона во 2021 година по барањата за помош од гувернерите на тие држави.

Десантис, кој се очекува наскоро да ја објави својата кандидатура за претседателската трка во 2024 година, ја претвори имиграцијата во главен проблем за време на неговиот мандат како гувернер. Минатата недела, тој потпиша сеопфатен предлог-закон за имиграција кој ја зајакнува неговата програма за преселување мигранти и ги ограничува социјалните услуги за имигрантите кои немаат постојан законски статус.