Гувернерката контра Анѓушев за странските инвестиции


Фото: Б. Грданоски

Народна банка не го дели ентузијазмот на Владата за високиот прилив на директни странски инвестиции годинава. Во пролетната проекција за економијата пресметала нивен раст од само 3,2 отсто.

„Забрзувањето на евроатлантската интеграција може да донесе поголеми бенефити за нашата економија, согласно искуствата на економиите кои веќе поминаа низ овој процес. Сепак, нашето сценарио не ги вградува овие претпоставки за засилени странски директни инвестиции (СДИ) или барем не во таа мера во која би можело да се очекува. Лани кај СДИ беше остварен исклучително висок прилив, 5,8 проценти од БДП, што е еден од највисоките што сме го имале како економија. За годинава предвидуваме раст на СДИ од 3,2 проценти и на среден рок 3,5 проценти. Сепак попрудентен е нашиот пристап. Очекуваме да видиме какви ќе бидат движењата во првиот квартал, сè уште не располагаме со целосни податоци за првиот квартал, па да видиме дали овие трендови ќе продолжат или не. Доколку продолжат, тоа би било одлично за нашата економија и во некоја наредна фаза би направиле ревизија на проекциите“, изјави гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска додавајќи дека доколку дојде до забрзување на процесите на инвестирање, ефектите ќе се видат во повеќе сегменти.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев, на почетокот на годинава, кога беа објавени податоците дека во 2018 година е постигнат инвестициски рекорд од 624 милиони евра СДИ, изјави дека годинава очекува уште подобри бројки.

Кај јавните инвестиции, Народна банка годинава очекува пресврт, иако во првите три месеци тие имаат само 6,2 отсто од планираните за годинава.

„Во првиот квартал годинава има пад на капиталните инвестиции во однос на првиот квартал од 2018. Но податоците од државата не го опфаќаат целиот јавен сектор. Според индикаторите што ги следиме, се забележува забрзување кај јавните претпријатија, што е поврзано со големи инфраструктурни проекти. Сигналите на забрзување беа видливи на крајот на минатата година, продолжија на почетокот на оваа година, а дали ќе продолжат и натаму останува да видиме. Ризиците за растот на економијата во голема мера се фокусирани во сегментот инвестиции. Ние очекуваме пресврт, од пад на инвестициите во минатата година, годинава раст од околу 8 проценти, што не би требало да е голем раст бидејќи споредбената основа е ниска, па дури и во 2017 растот на инвестициите беше мал, под 1 отсто од БДП“, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Во пролетната прогноза за македонската економија, Народна банка не ја менува оценката за раст за економијата од 3,5 проценти годинава, кој ќе биде движен од домашната побарувачка додека нето-извозот ќе има негативен придонес. Се очекува умерен дефицит на тековната сметка, стабилен кредитен раст во 2019-2021 од осум отсто, додека депозитниот раст за 2019 година е проектиран на 8,3 проценти.

„Северна“ ќе се појави прво на петстоденарките

Првите банкноти со новото име на државата ќе бидат петстоденарките, а потоа и десетденарките. За нивна изработка веќе има тендери, информираше гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска. Се очекува да почнат да се употребуваат на почетокот на 2020 година.

„Парите ќе се повлекуваат и ќе се пуштаат во оптек во согласност со природниот циклус и потребите. Очекуваме првите банкноти да излезат на почетокот од следната година. Ова е подолг процес, но ние веќе имаме распишано два тендера и очекуваме таа постапка да биде реализирана во согласност со нашите проекции“, рече Ангеловска-Бежоска.

Новите банкноти нема да бидат испишани и на албански јазик.

„Во однос на употребата на албанскиот јазик, банкнотите нема да го содржат. Ќе направиме и дополнителни консултации и ќе постапиме соодветно на законската и уставната рамка“, вели Ангеловска-Бежоска додавајќи дека и досега македонските пари имале симболи и мотиви од албанската култура.

Сите пари треба да бидат со новото име на државата за 5 години од отворањето на релевантното поглавје од преговорите за пристапување кон ЕУ.

Анита Салтировска