Гувернерката Ангеловска-Бежоска го информираше претседателот Пендаровски за Еуростандард банка


Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, за актуелните случувања во банкарскиот сектор во земјава, соопштија од Кабинетот на Престседателот.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска го информираше претседателот Пендаровски за причините за укинување на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД и за активностите кои координирано и интензивно се преземаат за обесштетувањето на депонентите да започне во законските рокови, но и порано од тоа. Соговорниците истакнаа дека е важно да се вложи максимум за поскоро отпочнување на исплатата на обесштетувањето на граѓаните од страна на Фондот за осигурување на депозити, и пред законски предвидениот рок од 20 дена.

Претседателот истакна дека е потребно сите надлежни институции да вложат максимални напори за решенија со кои ќе се овозможи обесштетувањето во корист на депонентите. Исто така тој изрази очекување дека банкарскиот систем и понатаму ќе биде стабилен.

На средбата, претседателот Пендаровски истакна дека е особено важно Народната банка и натаму да продолжи со успешно остварување на своите законски цели и задачи, давајќи клучен влог за успешна монетарна политика, за финансиската и макроекономската стабилност на земјава, се вели во соопштението од среддбата.