Гутереш: Медиумите се противотров за дезинформациите за пандемијата


Во видео-порака по повод Светскиот ден на слободата на медиумите 3 мај, генералниот сектерат на ОН, Антонио Гутереш, ја истакна клучната улога која ја играат медиумите за луѓето да ги добијат информациите битни за носењето одлуки, бидејќи таквите одлуки, како што кажа, во актуелните околности ја прават разликата меѓу животот и смртта.

„Како што се шири пандемијата, така се отвора простор и за пандемијата на дезинформации, штетни здравствени совети и диви теории на заговор“, кажа првиот човек на светската организација.

„Медиумите го пружаат противотровот – проверени, научни, вести засновани врз факти и анализи“, кажа Гутереш.

Тој ги повика владите низ светот да ги заштитат новинарите и сите оние кои работат во медиумите и да ја зачуваат слободата на медиумите, соопшти ОН.

Генералниот секретар на ОН истакна и дека привремените ограничувања на движењето кои се важни за сузбивање на ковид-19, не смеат да бидат злоупотребени како изговор за спречување на новинарите да ја вршат својата работа.

Во својата порака Гутереш им се заблагодари на медиумите „на тоа што обезбедиле факти и анализи, што лидерите во сите сфери ги повикаа на одговорност и им ја кажаа вистината на носителите на моќта“. Тој особено ја истакна улогата на новинарите кои спасуваат животи известувајќи за здравствени теми.

„Ги повикуваме владите да ги заштитат медиумските работници, а да ја зајакнат и сочуваат слободата на медиумите, која е од суштинско значење за иднината на мирот, правдата и човековите права за сите“, рече Гутереш.