Пожар во Универзална – пламени јазици ја голтнаа салата (Галерија и видео)

Скопјани во неверување гледаа како пламени јазици го голтнаа еден од симболите на нивниот град


 

Еден од симболите на Скопје, Универзалната сала, речиси целосно изгоре во нејзината внатрешност откако нешто пред 10 часот почнаа да се извиваат пламени јазици. Пожарот дојде само по дваесетина дена откако беше поставена новата метална купола и тече нејзината реконструкција.

Граѓани се насобрани околу Универзална и гледаат во неверување во она што се случува.

Пожарникарските екипи доцнеа, иако една пожарникарска станица е блиску до Универзална, кај „Веро“. До 1о,20 часот беа дојдени само три пожарни, но гаснеше само една. Нашите новинари на местото на настанато опишуваат дека екипите изгледаат неорганизирано.

За тоа време дојдоа неколку „пајаци“ кои ги креваат автомобилите во околината за да не бидат зафатени од пожарот и да се предизвика уште поголема несреќа.

 

 

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, веднаш дојде да види што се случува, како и градоначалникот на Општина Центар. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, барем засега не може да се види на местото.

Пожарот доаѓа во тензичен момент од предизборната кампања, особено по бруталното апсење од страна на полициските специјалци на новинарот Фуркан Салиу за време на еден натпревар од Третата фудбалска лига и неговите објави дека главната опозициска партија имала план за лажни анкети и лажни вести.

Во јавноста веднаш се проширија нагаѓањата дека пожарот можеби е подметнат, но истрагата е таа која треба да открие што се случило утринава во Универзаланата сала додека трае реконструкцијата.

Насобраните граѓани видливо разочарани гледаа што се случува со нивната омилена сала. „Таман се понадевавме дека конечно ќе биде обновена по долгите натегања меѓу политичарите… И еве што се случи. Не можам да поверувам“, изјави една скопјанка.

„Оваа сала требаше да биде за сите нас“, дополни друга.

 

Металната купола стои, но прашање е колку е таа оштетена од пламените јазици и огромната темепература. Засега не се знае што е изгорено внатре, и дали нешто воопшто останало.

Овој пожар ќе биде и голем удар за амбициите на Скопје како европски град на културата.

Фото: Независен

Пред дваесетина денови министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на Фејсбук, објави дека Универзална сала добила нова купола која ја замени старата. Таа напиша дека непречено се одвива првата фаза од реконструкцијата на Универзалната сала која ќе ја обликува надворешноста на зданието.

 

(Екипа на „Независен“)