Гунарсон се жали од Стоилов: Нивниот пикер од 140 килограми е невозможно да се чува


Македонската ракометна репрезентација дојде до огромна победа на гостувањето во Рејкјавик кај Исланд со 33:34 и дојде на чекор од освојување на првото место во групата, што се чинеше како невозможна мисија по шокантниот пораз од Грција во квалификациите.

Одново фантастична и борбена игра во македонскиот дрес прикажа Столе Стоилов кој постигна четири погодоци во мрежата на Исланд, создавајќи огромни проблеми на одбраната на домаќините, за што сведочи и изјавата на искусниот Арнор Гунарсон.

„На почетокот успевавме да ги добиваме дуелите и имаа проблеми да ја пробијат нашата одбрана. Сепак, подоцна најдоа начин да се постават во линија и да најдат дупки во нашата одбрана кои ги искористија. Имаат пивот од 140 килограми кој е невозможно да се чува кога ја има топката во свои раце и има непредвидливи движења. Не смееме да примиме 34 гола на домашен терен. Нивниот пикер и нашата одбрана не уништија. Сепак, ништо не е загубено, одиме во Скопје да победиме, иако тоа ќе биде многу тешко“, изјави Гунарсон.

Исланд веќе во недела гостува во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“ кога ќе се одигра мечот од четвртото коло во квалификациите. По оваа победа нашата репрезентација е на делба на првото место во групата, а во случај на нов триумф, тогаш пласманот на ЕП речиси сигурно ќе биде обезбеден.