„Гугл“ развива алатка со вештачка интелигенција за новинари


„Гугл“ развива алатка со вештачка интелигенција за издавачите на вести која може да генерира текст и наслови на написи, соопшти компанијата, нагласувајќи дека технологијата наскоро може да ја трансформира новинарската индустрија.

Технолошкиот гигант во изјавата соопшти дека сака да биде партнер со новински куќи за употребата на алатката за вештачка интелигенција во редакциите.

„Нашата цел е да им дадеме на новинарите избор да ги користат овие нови технологии на начин што ќе ја подобри нивната работа и продуктивност“, изјави портпаролот на „Гугл“, „исто како што правиме достапни алатки за помош за луѓето во „Џи-меил“ (Gmail) и во „Гугл докс“ (Google Docs)“.

За ова првпат беше објавено во „Њујорк тајмс“, при што беше посочено дека проектот внатрешно се нарекува „Генезис“ и им е предаден на „Тајмс“, „Вашингтон пост“ и „Њуз корп“, кој е сопственик на „Волстрит журнал“.

Во изјавата на „Гугл“ не се наведени имињата на тие медиумски компании, но се вели дека компанијата особено се фокусира на „помалите издавачи“. Се додава дека проектот нема за цел да ги замени новинарите ниту нивната „суштинска улога… во известувањето, креирањето и проверката на фактите на нивните написи“.

Новата алатка доаѓа додека технолошките компании, вклучително и „Гугл“, се тркаат да развијат и имплементираат нов род на генеративни функции за вештачка интелигенција во апликациите што се користат на работното место, со ветување дека ќе ги насочат задачите и ќе ги направат вработените попродуктивни.

Но, овие алатки, кои се насочени за информации на интернет, исто така предизвикаа загриженост поради нивниот потенцијал да ги погрешат фактите или да „халуцинираат“ одговори.

CNET мораше да излезе со „значителни“ корекции претходно оваа година, откако експериментираше со користење на алатка за вештачка интелигенција за пишување приказни. И она што требаше да биде едноставна приказна напишана со вештачка интелигенција за „Војна на ѕвездите“ објавена од Gizmodo претходно овој месец, на сличен начин бараше корекција. Но, и покрај тоа и CNET  и Gizmodo рекоа дека сепак ќе продолжат со користење на технологијата. (Си-Ен-Ен)