Бранко Црвенковски доби улица во Скопје на мапата на „Гугл“


Случајно, намерно, невнимателно или со измама, но во центарот на Скопје веднаш до Железничката станица на мапата на „Гугл“ постои улица со името „Бранко Црвенковски“. Секому тоа му асоцира дека се работи за поранешниот претседател, премиер и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Оваа улица од булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“ ги сече „Бојмија“ и „23 Октомври“ и води директно до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Од Град Скопје не знаеја дека на мапата на „Гугл“ постои улица во вакво име и за „Независен“ изјавија:

„Улица со ова име во Скопје нема. ‘Гугл мапс’‚ е приватна апликација каде самите корисници можат да внесуват локации и имиња и таа не е официјален приказ за имињата на сообраќајниците и објектите во Скопје“.

Тоа навистина е така, но илјадници и илјадници луѓе ја користат мапата на „Гугл“ да најдат некоја улица или објект, па со вакви имиња може да бидат доведени во заблуда. Тие и не мора да знаат дека на „Гугл мапс“ може приватно да се аплицира име на некоја улица или објект, но веднаш ќе го насочат своето незадоволство спрема градските власти за погрешно информирање. Од тие причини, властите на Град Скопје треба да реагираат и да се избрише улицата „Бранко Црвенковски“ која не постои, но ја има на мапите на „Гугл“. (Н.В.)