Групна изложба „Од Македонија до Истанбул“ на здружението „Драудакум“
Во Културно-информативниот центар на Македонија во Истанбул денеска ќе биде отворена групната изложба „Од Македонија до Истанбул“ на Здружението за ликовна уметност „Драудакум“ од Гостивар.
На изложбата, пред истанбулската публика ќе бидат претставени дела од македонското современо ликовно творештво, реализирани во повеќе ликовни медиуми – сликарство, скулптура, графика, уметничка фотографија и видео-уметност.
Како што соопшти КИЦ – Истанбул, изложбата обединува различни авторски поетики и ликовни изрази, со фокус на односот меѓу бојата, формата, материјата и светлината. Делата се засноваат на лични искуства, сеќавања, емоции и визии, отворајќи можност за различни интерпретации – од интимното и личното до универзалното.
Здружението „Драудакум“, основано во 1999 година, повеќе од две и пол децении дејствува како простор за творечка слобода, размена на идеи и уметнички дијалог. Преку самостојни и групни изложби, меѓународни ликовни колонии и уметнички проекти, здружението работи на афирмација на авторите и на нивно поврзување со пошироките текови на современата уметност.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам, а гостувањето во Истанбул, според организаторите, е дел од активностите за меѓународна промоција на македонското современо творештво и за продлабочување на културниот дијалог меѓу Северна Македонија и Турција.