Групна изложба „Колонија 8“, на уметничкото здружение „Училница осум 8“


„Колонија 8“ е насловот на групната изложба на уметничкото здружение „Училница осум 8“, која ќе биде отворена вечер во просториите на КСП Центар – Јадро во Скопје.

На изложбата своите дела ќе ги претстават Симеон АрнаудовПредраг Јаневски –ДрашкоСоња Поповска-Трајковска, Евгенија Трајковска, Трајче Блажевски, Фехим Хусковиќ, Нела Јанковска, Гордана Николоска ПетроваЛадислав Цветковски,  Владимир ВеличковскиОзбег Ајваз и Вера Симовска.

 Здружението на автори „Училница осум 8“ е формирано минатата година.

Здружението брои десет членови со профилирана творечка индивидуалност кои на изложбата ќе се претстават со по две дела, скулптури, слики и графики. Станува збор за ликовни педагози кој се активни и на планот на ликовното творештво.

Предраг Јаневски негува скулптура со тотемистички белези во која се испреплетуваат елементи од метал и дрво. Симеон Арнаудов е познат со скулптурите во мермер во кој пластичниот момент е споен со линеарниот благ ритам. Во оваа пригода тој се претставува со фигура на ракометарка (во полиестер) во момент кога се подготвува да ја фрли топката. Соња Поповска-Трајковска разновидно обработените елементи во теракота ги организира во вертикала со симболични монументализирани белези. Нела Јанковска со линеарните назабени облици на фигурата во метал, изразува немир и страв, истакнува во својот осврт критичарот и уметник проф. Владимир Величковски.

Според Величковски, Озбек Ефенди металните елементи ги поврзува во ритам кој стреми кон ширење во просторот, а Гордана Петрова во бронза изработила реалистичен портрет со индивидуални црти.

Тој напоменува дека Фехим Хусковиќ е сликар на модерен пејзажизам еволуирајќи кон слободни колористички состави во кои го поврзува темпераментниот гест и урамнотежената организираност  на целината.

-Трајче Блажевски е цртач и графичар кој врз правоаголна основа суперпонира неколку површини со суптилно разиграни линеарни предзнаковни структури. Ладислав Цветковски во дигитален принт реализира линеарно обработена композиција со разновидни значења: мотив на очи со крстообразна форма и двосмислена сугестија на подотворена „усмина“. Евгенија Трајковска е стрип цртач која се представува со линорез и мотив на „Монструм“, гротескен лик поставен на кружна основа, еден вид на „црно сонце“. Авторот на текстот со своите темпери ја следи основната линија на своето сликарство: спонтано предадена колористичка експресија во која е содржан немир, додава Величковски во освртот.