Групацијата Ер Франс- КЛМ ги приземјува своите авиони поради коронавирусот


Франција – Воздухопловните компании Ер Франс и КЛМ се приморани да преземат драстични мерки поради коронавирусот.

Соочени со зголемени ограничувања на опциите за патувања и нагло опаѓање на побарувачката што резултираше со пад на сообраќајот и продажбата во последните неколку недели, групацијата Ер Франс- КЛМ е приморана постепено да ги намали своите летови во текот на следните неколку дена. Бројот на расположливи летови се намалува од 70 до 90 отсто и се воведуваат мерки за штедење, стои во соопштението на групацијата.

Групацијата веќе почна со преземање строги мерки за да го обезбеди својот проток на пари. Воедно таа ги поздрави изјавите на француската и холандската Влада, кои навестија дека ги разгледуваат сите можни средства за нејзина поддршка.

Кризата со Ковид-19 продолжува да се шири, поради што многу земји преземаат се построги мерки со цел да го намалат ширењето на пандемијата. Некои земји поставија огранучување за движење на патниците од Франција, Холандија и пошироко од Европа.

Ова намалување на капацитетот во моментов треба да трае два месеци и групацијата ќе продолжи да ја следи состојбата на дневна основа и доколку е потребно ќе се прилагоди. Како резултат на намалувањето на капацитетот, Ер Франс ќе ја приземји целата флота Ербас 380 и КЛМ целата флота Боинг 747. За решавање на овие ситуации групацијата веќе презеде голем број на силни мерки за да го обезбеди својот проток на готовина.