Група за човекови права: Во Белорусија за една недела приведени над 100 лица


Во Белорусија за една недела се приведени повеќе од 100 лица, меѓу кои и неколку психолози и психијатри, противници на белоруските власти, соопшти синоќа групата за човекови права „Весна“.

Таа група соопшти дека најголемиот број приведени се во Минск, како и на запад и исток на Белорусија.

Според „Весна“ цел на властите се опозициски активисти, новинари, медицински работници, членови на спортски стрелачки клубови и луѓе кои работат со дронови.

Претставник на Весна рече дека белоруските безбедносни сили спроведуваат рации и претреси на лицата осомничени за вмешаност во неодамнешниот напад на руски воен авион стациониран во близина на белорускиот главен град.

Членовите на опозициското движење БИПОЛ во земјата ја презедоа одговорноста за нападот на авионот А-50 паркиран во воздухопловната база во близина на Минск.

Пред една година Русија ја искористи територијата на својот сојузник Белорусија за да ја нападне Украина, а Белорусија продолжи да прима руски војници, воени авиони и друго оружје.

Според белоруското Министерство за внатрешни работи, за само еден ден, на 9 март, биле приведени 60 лица во рамки на операцијата „против лица вклучени во екстремистички групи и терористички организации“.

„Весна“ соопшти дека се приведени лекари, психолози и психијатри од кои било побарано „да го прекршат кодот за доверливост меѓу лекарот и пациентот и да ги пријават сомнителните пациенти кај властите“.