Група НАТО-Западен Балкан за да се намалуваат тензиите во регионот
Предлогот на лидерскиот самит во Скопје дојде од албанскиот премиер Еди Рама. Него го поддржа хрватскиот претседател Зоран Милановиќ
На денешниот неформален состанок на НАТО лидерите од регионот бил изнесен предлог да се воспостави формат НАТО-Западен Балкан во кој ќе учествуваат не само земјите членки на Алијансата, туку и Белград, Приштина и Сараево. Овој предлог бил изнесен од албанскиот премиер Еди Рама, а бил поддржан од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, на заедничката прес-конференција по состанокот во Скопје, рече дека ваквиот предлог ќе биде разгледан.
„Секако тоа треба да го разгледаме заедно и треба почесто да се среќаваме и да ги поканиме и партнерските држави“, рече Столтенберг, кој во своето обраќање порача дека Западен Балкан е важен за НАТО.
Еди Рама на заедничката прес-конференција рече дека генералниот секретар со голем интерес го дочека предлогот да се создаде формат на НАТО самит со Западниот Балкан каде, како што појасни, ќе бидат присутни и ќе учествуваат не само земјите членки на НАТО во овој регион туку и земјите партнери на НАТО.
„Всушност и другите земји од Западен Балкан кои денес не се присутни, како и другиот дел од земјите членки кои што се во границите на нашиот регион, а кои што имаат непосреден интерес за стабилноста и демократскиот напредок на регионот“, рече Рама.
Хравтскиот претседател Зоран Милановиќ предлогот на Рама, го сметам за паметен и добредојден без разлика што имаме повеќе иницијативи во разни форми и организации, кои меѓусебно се преплетуваат, па дури и поништуваат.
По средбата со лидерите Столтенберг изјави дека Западниот Балкан е стратешки важен за НАТО и иако нема директна воена закана кон некоја од земјите во регионот, сепак има причини за загриженост за состојбите поради зголемување на тензиите. „Гледаме закани за сецесионизам во БиХ, кревка безбедносна состојба во Косово и застој во преговорите меѓу Белград и Приштина, а авторитарните држави како Русија го загрозуваат нашиот демократски интегритет со кибер закани“, истакна Столтенберг по средбата на која присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, неговите колеги од Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Милојко Спаиќ ,и хрватскиот премиер Зоран Милановиќ.
Според Столтенберг, во НАТО постои загриженост за развојот на настаните во одредени држави во Западниот Балкан и затоа мора да се препознае силата и важноста на Алијансата во регионот.
„НАТО е присутен во овој регион со години. Во Косово го зголемивме нашето присуство со околу 1000 дополнителни војници и со потешко вооружување. Секогаш сме претпазливи, од блиску ја набљудуваме состојбата и секогаш ќе го направиме она што е потребно за да се заштитат и одбранат сите сојузници, рече Столтенберг.
Столтенберг нагласи дека се обраќа до сите во регионот со порака дека е важно е да се изберат дијалогот и дипломатијата пред конфликтот и војната, нагласувајќи оти дијалогот меѓу Белград и Приштина е суштински за нивниот мир и просперитет, при што последните предлози за формирање на Заедницата на општини со мнозинско српско население ги оцени како чекор напред.
„Време е да се надминат регионалните конфликти, што траат предолго“, порача Столтенберг.
Во тој контекст тој потенцира дека Македонија е валиден сојузник на НАТО која дава важен придонес кон заедничката безбедност, но исто така е пример за успешни мултиетнички односи и општество во кое луѓе од различни етнички групи живеат заедно и ја градат земјата во мирољубива коегзистенција.
Првиот човек на Алијансата додаде дека на средбата станало збор и за руската агресија врз Украина, при што упати апел до двете страни за прекин на конфликтот, поздравувајќи го придонесот на сојузниците од НАТО на тој план, особено во услови на тешка ситуација на бојното поле.
Македонскиот премиер изјави дека нашата домашна задача е да продолжиме да работиме забрзано и посветено до целосно интегрирање во ЕУ, како што тоа го направивме со интегрирањето во НАТО. „Членството во ЕУ е наша цел и ние немаме друга алтерантива“, рече тој.
Премиерот информираше дека на средбата се разговарало за актуелните прашања за регионот и за посветеноста на Алијанса кон неговата стабилност и безбедност, но и за
предизвиците поврзани со сајбер безбедноста.
„Разговаравме за безбедноста на регионот во детали. Регионалната безбедност ја обезбедуваме во целост преку земјите членки на НАТО. Оваа безбедност и стабилност на земјата и на регионот со себе носи и економски просперитет за кој што исто така разговаравме со денешните соговорници“, рече Ковачевски.
Според него, инвеститорите од европските земји и од САД во Македонија и во регионот препознаваат место каде можат да ги инвестираат своите пари и со тоа да обезбедат подобро платени работни места и зголемување на животниот стандард на граѓаните.
„Членството во ЕУ е наша цел и ние немаме друга алтерантива. Дали ке бидеме таму набрзо, сега зависи само и единствено од нас и одлуките кои ние треба да ги донесеме во нашето Собрание“, рече Ковачевски.
Еди Рама нагласи дека е неопходно е да се зголеми бројот на силите на НАТО во Косово и да се гарантира границата помеѓу Косово и Србија. Според него, таа граница е надвор од контрола и е во служба на илегални активности, шверцување оружје, наркотични средства и активности кои што во понатамошниот тек се вмешуваат во политичката активност, со ултранационалистичка заднина, а кои што предизвикуваат големи пореметувања, рече Рама на прес-конференција.
Тој изрази жалење што и покрај повторените обиди значително да се зголеми, не само вниманието, туку и бројот на трупи кои треба да обезбедуваат и неприкосновеност на Косово, се случи „трагичниотн настан“ во Бањска и тој не смее никако да се повтори.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, одговарајќи на новинарско прашање рече дека после инцидентот на северот на Косово останал многу воздржан кон воведување санкции кон Белград.
„Бев многу воздржан во однос на потребната реакција кон Белград и воведување санкции за што се залагаа многумина. Сметам дека санкциите како инструмент на надворешната политика се промашени. И тоа не го направив за да ја аболирам Хрватска од некаква одговорност за некое недозволиво однесување, тоа го направив од убедување, без да очекувам каква било противуслуга“, рече Милановиќ.