Група „мудри лица“ ќе го спасуваат НАТО од „мозочната смрт“?
Се очекува НАТО да побара од група „мудри лица“ да помогнат во реформа на алијансата, откако Доналд Трамп ја доведе во прашање нивната релевантност.
Во оваа оценка се приклучи и францускиот претседател Емануел Макрон, кој за овој сојуз изјави дека „умира“.
На самитот, со кој во Лондон на 4. декември ќе биде одбележана 70. годишнината на НАТО, лидерите на 29 држави членки ќе се обидат да покажат единство, но и да се соочат со прашањата околу иднината на Алијансата под водство на САД, пренесе Ројтерс.
Сојузниците на Вашингтон во Европа и Канада не се сигурни што да очекуваат од Трамп, откако тој ја критикуваше Германија на самитот на НАТО во јули 2018. година.
Макрон, исто така, ја истакна нескладливоста на НАТО на политичко ниво и неуспехот во решавањето на табу темите, истакнувајќи дека Алијанската доживува мозочна смрт.
За да ја решат загриженоста околу иднината на НАТО, на самитот веројатно ќе биде усвоен француско-германскиот предлог за формирање на група „мудри лица“ кои ќе поднесат извештај кон крајот на 2021. година на следниот самит, поставувајќи основи за реформи.
„Се обидуваме да го канализираме струјниот удар (кој го предизвикаа коментарите на Макрон) за да поставиме политичка дебата“, изјави неименуван висок француски дипломат.
Целта е да се осигура повторно врамнотежен трансатлантски сојуз, изјави дипломатот, а Европа признава дека преголем товар е врз Вашингтон.
Групата веројатно ќе биде мала и ќе ја сочинуваат мешавина на постари државници и оние кои можат да предложат порадикални идеи.
Како гест кон Трамп, се очекува сојузниците да преземат на себе повеќе оперативни трошоци од НАТО и да го намалат уделот на Вашингтон во годишното финансирање на седиштето на НАТО и персоналот од 2021. година.
Лидерите, исто така, се подготвени да го исполнат американското барање околу тоа европските сојузници да имаат повеќе НАТО баталјони, бродови и авиони подготвени за борба и одвраќање од потенцијален руски напад.