Група европарламентарци го подготвува предлогот за новата ЕУ


Сред разговорите за проширувањето и реформите во ЕУ,  група европарламентарци најавува  провокативен предлог за промена на договорот за ЕУ што  радикално ќе го смени начинот на кој работи ЕУ, сè до имињата на нејзините институции.

 Според нацртот на планот од 116 страници виден од Политико, шесте пратеници предводени од белгискиот федералист Ги Верхофштат предлагаат драстична промена со гласање со квалификувано мнозинство и обични законодавни процедури во десетици области, вклучително и одбраната, даноците и надворешната политика.  Со други зборови -збогум на националните вета и владеењето од мнозинството, строго надгледувано од Парламентот.

Нацртот со датум од 17 август содржи и многу други удари – од преименување на Европската комисија во „Европска извршна власт“ до драстично проширување на овластувањата на Парламентот и давање на ЕУ ексклузивна надлежност за сите прашања поврзани со животната средина и климата и споделена надлежност за речиси сè друго.

Предлогот, кој ќе биде преставен во септември, е потпишан од пет пратеници покрај Верхофштат: германскиот демохристијанин Свен Симон, германскиот социјалдемократ Габриеле Бишоф, германскиот пратеник на зелените Даниел Фројнд и полскиот европратеник за право и правда Јацек Сариуш-Волски. 

Нема сомнеж дека амбасадорите кои ќе седнат на разговор со Фон дер Лајен ќе се потсмеваат на предлогот и плановите за радикално проширување на овластувањата на Парламентот. „Тоа е провокација“, рече еден висок дипломат на ЕУ кој сподели дел од содржината на нацртот. „Во Советот нема мнозинство за промена на договорот“.

Во секој случај, потребни се промени. Авторите на предлогот тврдат дека плановите на блокот за проширување „ја прават реформата на нејзините договори неизбежна“. И додека секој предлог за промена на договорот веројатно ќе добие ладен прием од многу дипломати на ЕУ кои не се подготвени да се соочат со изгледите за неуспешни референдуми за договор, авторите не грешат кога велат дека секое значително проширување на ЕУ ќе бара далекусежни промени во функционирањето на блокот.

Големите земји на ЕУ не го негираат ова – всушност престолнините како Берлин инсистираат на потребата од промени во гласањето со квалификувано мнозинство и долгорочен буџет на блокот како неопходна последица на проширувањето. Тие само веруваат дека промените може да се постигнат преку измени во Лисабонскиот договор и уметничка употреба на таканаречените променливи клаузули кои дозволуваат промени во договорот без да се консултираат електоратите.

Последното искуство со промена на договорите датира скоро 15 години, а обидот повторно да се прави тоа , според Политико, е глупава задача. Сепак, ЕУ  исто така, започнува со потенцијално сеизмичка промена во нејзината големина и членство и според овој медиум, она што беше вистина денес, можеби нема да биде утре, итн.

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел, како и навидум сите оваа недела, исто така зборуваше за проширувањето. „Шпанското претседателство предлага … да се одржи министерски состанок заедно со министрите од Западен Балкан. Ќе го направиме тоа на крајот на следниот месец“, објави Борел на состанокот на министрите за надворешни работи во Толедо, Шпанија.

 „Прашањето за проширувањето лебдеше над нашите дискусии“, во Толедо, рече Борел. „Украина мора да стане членка на Европската унија. Западен Балкан исто така. Брзо.”