Група црногорски интелектуалци ѝ се извини на Хрватска за резолуцијата за Јасеновац

Во Црна Гора има чувство дека државата и општеството се враќаат во деведесттите


Српски знамиња во Подгорица

 

Пред 33 години, кога почна нападот на Дубровник од правец на Црна Гора, група црногорски „културњаци “ се собраа во Цетиње да протестираат против тој бесмислен чин. Тие напишаа писмо со извинување и ја испеаа „Од Ловќен вила кличе, опрости на Дубровниче“. Сега, после толку години, дежа ву. Во Црна Гора, како што вели писателот Милорад Поповиќ, „повторно се враќа во деведесеттите“.

Затоа група од 90 црногорски интелектуалци и граѓански активисти испратија отворено писмо до Република Хрватска, односно се обратија до „хрватскиот народ и граѓаните на Хрватска“ по повод Резолуцијата за геноцидот во Јасеновац, која неодамна беше усвоена од Собранието на Црна Гора.

Резолуцијата за Јасеновац ги разбранува духовите на црногорската политичка сцена и ги наруши односите со Хрватска, го доведе во прашање понатамошниот европски пат на Црна Гора, а „најлошото од сѐ“ е што Резолуцијата, како што вели поранешниот министер за надворешни работи, Боро Кривокапиќ, „е одработување на валканата работа за Белград“, бидејќи општо мислење е дека зад тоа стои Александар Вучиќ, чија цел е да го запре напредокот на Црна Гора кон Европа, а прва задача на тој пат е да ги наруши односите меѓу Црна Гора и Хрватска.

Во своето писмо црногорските интелектуалци пишуваат дека се „длабоко згрозени и разочарани од неодамнешното усвојување на Резолуцијата за Јасеновац“ бидејќи таа одлука е „непромислена и штетна и не ги одразува вистинските чувства на мнозинството црногорски народ кон Хрватска и нејзините граѓани“.

„Ние, долупотпишаните интелектуалци, јавни работници и граѓански активисти од Црна Гора, со длабока почит и искрена желба да ги зачуваме нашите добрососедски односи, сакаме да се обратиме вам, на хрватските граѓани, на народот и на државата. Во име на Црна Гора, ние изразуваме искрено извинување за недоразбирањата или навредите што можеше да произлезат како резултат на усвојувањето на Резолуцијата од страна на Собранието. Сакаме да нагласиме дека не се согласуваме со донесената Резолуција и жалиме доколку предизвика негативни реакции или несогласувања“, се вели во писмото.

Според потписниците на писмото, „оние кои ја предложиле Резолуцијата и гласале за неа не се гласот на Црна Гора, туку центрите на моќ од Србија и Русија кои имаат само една цел – да предизвикаат земјотреси и конфликти на Балканот и да се свртат брат против брат. Почитувани соседи, ве молиме да не ја осудувате цела држава поради постапките на поединци, затоа сите мерки што ги преземате треба да бидат насочени против оние поединци кои се обидуваат да ја нарушат нашата блискост и пријателство, а не против народот и државата и нивната иднина.

Црногорскиот народ се сеќава и ќе ја памети секоја поддршка што ја добивме од вас и секој гест на братска волја за влез во ЕУ и тоа никогаш нема да го заборавиме. Искрено се надеваме дека ова недоразбирање нема да влијае на нашата заедничка цел – пристапувањето на Црна Гора во ЕУ, и ги молиме нашите хрватски пријатели да нѐ поддржат на овој пат, како што правеа досега и како што секогаш сме биле подготвени да ве поддржиме. Ни треба вашата помош и поддршка сега повеќе од кога било, за да изградиме подобра иднина за сите нас заедно“.

За време на Втората светска војна, Јасеновац беше ужасен логор на смртта кој никогаш не смееме да го заборавиме. Во тој логор беа убиени невини луѓе, вклучувајќи Срби, Хрвати, Роми, Евреи и други. Денес е важно да се сеќаваме на жртвите борејќи се против сите форми на нетрпеливост, омраза и дискриминација, што Хрватска континуирано го прави со одбележување на годишнината од пробивот на последните затвореници од логорот Јасеновац. Длабоко жалиме поради оваа одлука и овој невнимателен потег кој не само што го повредува хрватскиот народ, туку е како невреме кое го засенило ведрото небо на меѓусебните односи и го отежнува постигнувањето на помирување и соработка меѓу нашите народи.

Сметаме дека секоја иницијатива која има за цел да укаже на некои настани од минатото, а која се однесува на соседна земја и нејзините граѓани или која било друга земја, не треба да биде таква да навредува или омаловажува и предизвикува болка и страдање на хрватскиот или кој било друг народ, туку да поттикнеме сеќавање и да едуцира за трагичните настани од минатото за заедно да изградиме помирна и посветла иднина за сите народи во регионот. Црна Гора и Хрватска споделуваат длабоки историски врски кои се градени низ вековна заедничка борба за слобода, културна соработка и меѓусебно почитување и сојузништво во најтешките времиња, нашето пријателство отсекогаш било пример за цврсто заедништво. Нашето културно наследство е испреплетено со заеднички нишки кои нѐ прават горди. (…) Во овие предизвикувачки времиња, мора да се потсетиме на оние вредности кои нѐ поврзуваат и градат мостови на разбирање и пријателство. Има многу примери за тоа, од пријателството на нашите поети и писатели до солидарноста во тешки времиња. Низ историјата, нашите два народа се сретнале и се здружувале во конфликти против освојувачите, соработувајќи како што доликува на сојузниците кои се насочени еден кон друг и претставуваат бариера за поробувачите. Црногорскиот владетел, епископ, поет и филозоф Петар Петровиќ II Његош ја опеа и пишуваше за славата на хрватскиот народ, а великаните на хрватскиот пишан збор гордо ги опеаја своите Црногорци“, пишува во писмото на група црногорски интелектуалци.