Груевски се фати за бизнис во Унгарија, ќе биде консултант и ќе продава порцелан
На три месеци пред истекувањето на неговата дозвола за азил добиена есента во 2018 година, поранешниот премиер Никола Груевски изгледа решил да се впушти во водите на бизнисот, откако три години не се знаеше со што се занимава за време на неговиот азилски живот во Унгарија.
Тој, како што наведува медиумот 24.hu регистрирал своја компанија ICIC Kft на 15 јули во малото гратче Пецел недалеку од Будимпешта. Според весникот, Груевски е директор и сопственик на компанијата. Главната активност на фирмата е бизнис менаџмент и консултативни услуги, но ќе се занимава и со продажба на порцелан, стаклени работи, чистење… Адресата која ја доставила компанијата за комуникација е канцеларијата на еден адвокат во центарот на Будимпешта.
Додека чека да почне со бизнисот во Унгарија и ЕУ, Груевски се занимава со коментирање на политичките настани во Македонија. Пред два дена во долго писание на Фејсбук тој ги оцени пресудите во процесот наречен „Организатори на 27 април“ како политичка одмазда на сегашната власт и уште еднаш тврдеше дека нема ништо со упадот во Собранието.