Груевски се бранеше преку Фејсбук. И не успеа. Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе си ги бара украдените пари?

Поранешниот премиер е осуден во едно од најтешките дела за него - дека украл 1,36 милиони евра од донациите и членарините на ВМРО-ДПМНЕ


Ова е најсериозната пресуда за еден политичар во Македонија за крадење пари од партијата (Фото: Б. Грданоски)

 

Со големи писанија преку Фејсбук не може да се браниш во судски процес.

Веројатно тоа му стана јасно денеска на Никола Груевски откако беше осуден на 7 години затвор во случајот „Плацеви на Водно“. Сега, изгледа, не му останува ништо друго освен од Будимпешта да продолжи да рони „Фејсбук солзи“ дека е политички прогонуван во Македонија и да ги обвинува сите негови поранешни блиски соработници и роднини дека извршиле предавство кон него за да се заштитат себеси. Останува уште јавноста да види дали ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира на пресудата со која е докажано оти неговиот поранешен лидер украл 1,36 милиони евра од партиската каса или ќе молчи како ништо да не се случило.

При изрекувањето на пресудата судијата Илија Трпков долго образложуваше како Груевски украл 1,36 милиони евра од ВМРО-ДПМНЕ кои биле донации и членарини, потоа ги испрал и купил плацеви за себе на Водно големи 11.000 метри квадратни. Груевски доби две затворски казни – 5 години за криминалот што го направил и три години за прикривањето, што се претвори во единечна казна од седум години.

Другите добија повеќе симболични казни – неговиот братучед, Сашо Мијалков една година и три месеци, а Орце Камчев една година за помагање во овие криминални активности. На нив двајцата им се пресметува и времето поминато во притвор, кое изнесуваше околу една година.

Двајцата други обвинети кои помогнаа да се поткрепи обвинението што го застапуваше Лиле Стефанова, кумот на Груевски од првиот брак, Ристо Новачевски, и Ненад Јосифовиќ, завршија со условни казни од по две години ако во наредните пет години не извршат кривично дело.

Затворската казна не е единствената пресуда за Груевски. Нему судот му го конфискува и целиот имот, како и сите станови освен двата што се водат на име на мајка му. Судот одлучи да го конфискува плацот, кој го купила фирмата „Лајв кер“ на Ирина и Сергеј Самсоненко, иако знаеле дека е стекнат со нелегални пари и е предмет на кривично дело. Се конфискуваат плацевите во местото Шербетница на Водно.

Според образложението на судијата Трпков судот ги прифатил доказите на обвинителството за перење и преперување на пари преку шемата на офшор компании популарно позната како „Белизе мрежа“.

„Груевски ги присвоил доверените пари од донатори и членови кои верувале во просперитет. За тоа потврдија сведоците Гордана Јанкулоска и Мартин Протоѓер. Влатко Чинговски во својство на курир кажа како носел пари во партијата. Сведоци кажуваа како под влијание на Коце Трајановски и други, оставале големи суми во ВМРО-ДПМНЕ, а за парите според Јанкулоска и Протуѓер, никој друг во партијата не располагал освен Груевски“, рече Трпков.

Судијата ја објасни шемата на перењето на нелегално стекнатите пари:

„Македонските пари на Груевски прават прошетка до Белизе и преку Стопанска банка Битола се враќаат во Македонија. Потоа како пари на Камчев одат до Белизе и се враќаат во ‘Орка холдинг‚. По објавувањето на бомбите, за да се прикријат парите на Груевски, сестрата на Камчев ги купува уделите на фирмата ‘Сирах’ на Груевски во размена за три стана во комплексот ‘Панорама резиденс’. Сите знаеле дека станува збор за нелегално стекнати пари”, рече Трпков.

Според него, чудно е како Груевски и неговата сопруга кои земале само плата  (80.000 + 60.000 денари) се стекнале со толку голем имот, а немале никаква промена во имотниот лист. Трпков се осврна и на аудио бомбата објавена неодамна во која се пренесе разговор меѓу Груевски и Камчев од февруари 2021. „Како обвинетиот Груевски очекува да поверуваме дека не комуницирал со Јордан Камчев? Самиот Груевски докажа дека комуницирале кога го објави разговорот. Тој сам си ја урна теоријата на одбраната“, зборуваше денеска судијата.

Обвинителката Лиле Стефанова е задоволна дека ова е најчистата конфискација во која, како што вели, ќе ѝ се вратат на државата средства и имот стекнати со кривични дела. Таа кажа дека пазарната вредност на конфискуваниот имот според пресметките изнесува три милиони евра. Но таа не е задоволна од пресудените казни за Груевски и Мијалков. Особено казната за Груевски од пет години била ниска. Кога обвинителството ќе ја добие пресудата ќе одлучи дали ќе се жали.

Таа е задоволна што обвинителството понудило и извело квалитетни докази. „Во однос на  Никола Груевски се покажа дека додека бил премиер дејствувал коруптивно, стекнувал имот чие потекло го прикривал, не го пријавил во својот анкетен лист, а, исто така, во целост се докажа дека во 2012 година преку фирми, оф-шор компании со сложена шема, која што денес и судот целосно ја образложи, за себе купил имот во Македонија со незаконски стекнати парични средства“, рече Стефанова. 

Од пресудата за Сашо Мијалков не беше задоволен неговиот адвокат Звонко Давидовиќ и најави дека ќе ја обжали. „Денес судијата ги наброја причините и на неколкупати згреши. Еве конкретно ниту еден предмет, зборувам за мојот клиент, ниту еден предмет не е правосилно завршен, па тоа што се во тек постапки не значи дека треба да биде причина за заострување на казната, особено што и за други обвинети има постапки кои се во тек“, рече Давидовиќ.