Груевски од Будимпешта фрла громови и дрвја за процесот „Плацеви на Водно“

Поранешниот премиер вели дека се распрашувал во Македонија за денешните двајца сведоци. Потоа, во опширниот текст на Фејсбук ги напаѓа медиумите за водење хајка


Никола Груевски пишува дека од Будимпешта се распрашувал во Скопје за бекграундот на двајцата сведоци

Изгледа дека бегалецот во Будимпешта најревносно го следи процесот за плацевите на Водно од сите во Македонија. Како да нема никаква друга работа во унгарскиот главен град и некако се претставува како адвокат на самиот себеси во овој случај.

Денеска по исказите на двајца сведоци во случајот „Плацеви на Водно“ тој нашироко преку Фејсбук го суди обвинителство зошто ги повикало нив. И зошто тие морале да одговараат на прашања поврзани со финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ и нивните донации. Груевски, како што пишува, се распрашувал во Скопје, веројатно во неговата мрежа доверливи луѓе, кои се тие сведоци, каков им е беграундот и наместо адвокатите во судницата самиот тој гневно ги денунцира преку Фејсбук.

Сведокот Сузана Николовска, член на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен советник во општина Гази Баба, рече дека има донирано средства во износи од 200 и 60 илјади денари за партијата. Сите уплати ги вршела со каса-прими, а Никола Груевски лично не го познавала.

Драган Огњановски, сопственик на градежна фирма, рече дека донирал 300 илјади денари пред изборите во 2006 година за ВМРО-ДПМНЕ.

„Тогашниот градоначалникот на Гази Баба Коце Трајановски ми се јави, бидејќи ние сме градежна фирма и работиме со општини и други институции. Општината ни должеше пари и не ни ги исплаќаше, па Трајановски ми се јави пред избори и ми рече да уплатам донација на партијата пред изборите и дека за сметка на тоа ќе нема да има никакви проблеми со исплата и ќе помагаат колку ќе помагаат ако дојдат на власт“, рече тој. Парите ѝ ги дал на Гордана Јанкулоска, за што добил каса-прими.

Груевски ги напаѓа овие две сведочења со широки експликации.

„Денес уште едно празно и бесмилено, во суштина и гротескно рочиште и сведочење во судот по предлог на обвинителството во предметот ‘Плацеви на Водно’. Денешните два сведока се преземени од предметот ‘Титаник’ со дадени искази уште во 2015 година и нејасна е врската со овој предмет“, пишува Груевски.

Потоа додава дека тој од Будимпешта врши своја истрага за сведоците. „Денес се распрашав за него и дознав дека подоцна, во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, било откриено дека УЈП за неговата градежна фирма пронашла посериозни наоди за неплатен данок, по што се соочил со законски проблеми и веројатно материјални издадоци, па бил многу лут на партијата која ја водев и се приклучил во партијата Обединети за Македонија, каде на некои од изборите бил и носител на листа, а се испостави дека неговата и сопругата на претседателот на таа партија, Љубе Бошкоски, биле роднини“, ги наведува деталите од својата лична истрага.

Па заклучува: „Во случајот се гледаат две работи, а тоа е дека ниту имаат најелементарен доказ дека сум купил имот, ниту доказ дека од некаде сум обезбедил пари за такво нешто. Ниту пак реално може да имаат таков доказ, бидејки немало такво нешто“, вели Груевски.

Тој се нафрла и врз некои од медиумите кои известуваат за судскиот процес.

„Неверојатна хајка! Неверојатна по дебилноста како е обмислена! Неверојатни глупости! Неверојатни! Ниту доказ дека некој ми дал пари, ни доказ дека сам сум земал пари, ни дека некој видел пари во некаков мој сеф. Ниту пак доказ дека со такви пари, во готовина, или какви сака нека се, сум ги уплатил и сум купил имот“, пишува Груевски.

Тој понатаму вели дека неговиот пријател од тоа време Александар Ивановски можеби бил под уцена во истрагата за „Империја“ и други случаи за да дава такви сведочења. (Н.В.)