Груевски нема повеќе да биде почесен претседатeл, се менува статутот на ВМРО-ДПМНЕ


Фото: Б. Грданоски

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, синоќа во емисијата „24 Отворено“ рече дека најголемата опозициска партија го менува својот статут според кој ќе се избрише функцијата почесен претседател.

Сепак, Мицкоски не сакаше експлицитно да открие дали тоа се прави за партијата да се огради од политиките на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е прогласен за почесен претседател во моментов, но истовремено е пребеган азилант во Будимпешта избегнувајќи ја двегодишната казна затвор за случајот „Тенк“.

– Во моментов статутот се разгледува на Извршен комитет, а потоа и на Централен комитет. Ова е во согласност со статутите на сестринските партии и се прави заради демократизација. Ги повикувам и другите партии во Македонија да го сторат тоа, рече Мицкоски во студиото.

Покрај ова, Мицкоски додаде дека наскоро очекува Европскиот суд за човекови права во Стразбур да донесе одлука во корист на ВМРО-ДПМНЕ за случајот „Талир 1“ и најави дека неколку економски оператори, кои според него, се нашле во немилост на власта ќе ја добијат Владата во економските арбитражи што се водат во Лондон, Њујорк и други места.