Груевски и од Будимпешта сакал да купи стан во Скопје


Поранешниот премиер кој е осуден и доби азил во Унгарија, Никола Груевски од унгарски број го барал бизнисменот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова, и се интерсирал за стан во Центар во којшто ќе може да живеат неговата сопруга и децата.

„Во 2018 година по неговото  бегство, добив порака од унгарски телефонски број и Груевски ме прашуваше дали имам станови во Центар во Скопје за неговата сопруга. Му кажав дека немам, дека имам станови само во Аеродром во градба коишто ќе бидат готови во 2020 година“, рече Ивановски.

После овој разговор, Груевски го барал и во октомври, ноември 2020 година, односно по отворањето на истрагата за „Плацеви на Водно“, односно по неговото сведочење во Обвинителство.

Ивановски денеска се појави како сведок на Обвинителството и откри дека всушност тој случајно ги нашол и му ги открил „Плацевите на Водно“ на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и му посредувал за купување како на добар пријател. Ивановски е потписник на полномошното за отворање на фирма на „Сирах инженеринг“, фирма ќерка на офшор компанијата од Кипар којашто ги купи спорните плацеви.Фирмата е купувач на две парцели од 11.000 квадратни метри на Водно, кои според обвинението, екс премиерот Никола Груевски ги купил за себе и тоа со партиски пари. правител на фирмата е кумот на Груевски, Ристо Новачевски.

Според Ивановски, плацот имал повеќе сопственици, а извесен Горан од Будва, кој исто така бил сопственик, ги застапувал и останатите. Плацот бил стекнат по пат на денационализација, а се наоѓал во близина на шестата управа на МВР, спрема сртот на Водно.

„Ако јас се прашувам, не е баш погоден за градење“, рече сведокот Ивановски.

Тој откри дека Мијалков му кажал дека плацот е за Груевски. Тоа се случило откако во 2015 СДСМ почна да ги објавува „бомбите“ и во тој контекст Мијалков наводно му рекол на Ивановски: „Ете гледаш дека не те лажев дека плацот не е за мене“.

Покрај Новачевски, во случајот осомничени се и Груевски, екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев, мајка му Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ. Ивановски тврдеше дека во овие зделки посредувал за да му направи само услуга на неговиот пријател, Сашо Мијалков. Тој исто така преку својата секретарка основал фирма којашто ги купила и двата стана околу домот на Груевски за да не бидат на негово име, туку на име на неговата секретарка.

„Требаше да гласи на друго име, а 40-те илјади евра за тој помал стан, ги обезбеди Никола Груевски. На секретарката Татјана Стојановска ѝ кажав за кого е станот. Ѝ кажав оди купи го станот. Во тој момент Груевски не сака да е на негово име, но подоцна ќе го префрли на свое. Во 2018 година бев викнат од возач на Груевски. Ми даде документи договор за закуп на становите што таа ги потпиша. Документите ги вративме потпишани од секретарката“, објасни Ивановски.

Во март годинава, кога обвинителството изврши претрес на становите на „Бихаќка“, за кои што денеска сведочеше Ивановски, Груевски рече дека имал извршено закуп на два други стана на истиот кат каде живеел, а од кои имал потреба. Рече и дека поседувал договор за закуп од сопственик со кој немал никаква поврзаност. Сите четири стана, двата на име на мајката Груевски, тој на секретарката и тој на фирмата ИКТ, се со последователни броеви во зградата на „Бихаќка“.